Германскиот државен секретар за култура Волфрам Вајмер свика вонредна седница на Организацијата за културни манифестации – телото кое е надлежно за Берлинскиот филмски фестивал – на која, според најавите на германските медиуми, можно е да се разгледува и иднината на директорката Триша Татл.
Повод за состанокот е контроверзното обраќање на сириско-палестинскиот режисер Абдула ел Хатиб, кој на свеченото затворање на фестивалот ја прими наградата за дебитантски филм. Според пишувањата на „Билд“, на седницата ќе се дискутира не само за програмската насока на Берлинале, туку и за можни кадровски промени во раководството. Реакцијата доаѓа по силната јавна дебата што се отвори во Германија по говорот на Ел Хатиб.
Контроверзниот настап
Режисерот се појави на сцената обвиткан во палестинска марама и знаме, при што ги обвини германските власти дека се „партнери во геноцидот на Израел во Газа“. Во своето обраќање тој испрати и порака до оние што, според неговите зборови, не ја поддржуваат Газа.
„Еден ден ќе организираме филмски фестивал во Газа и добро ќе запомниме кој беше со нас, а кој против нас“, изјави Ел Хатиб.
Тој додаде дека бил советуван да не дава политички изјави, имајќи предвид дека од 2019 година живее во Германија како бегалец, но сепак одлучил јавно да го изнесе својот став.
За време на неговиот говор, германскиот министер за животна средина Карстен Шнајдер, кој присуствуваше како владин претставник, ја напушти салата.
Реакции и критики
Настапот предизвика поделени реакции во германската јавност. Дел од критичарите поставија прашање како е можно на фестивал што се финансира со јавни средства да се дозволат, како што ги нарекоа, „антисемитски и антигермански“ изјави.
Под лупа се најде и директорката Триша Татл, на која ѝ се замерува што не реагирала веднаш по говорот. Дополнително, во јавноста се појавија фотографии на кои таа позира со филмската екипа на Ел Хатиб пред палестински знамиња, што дополнително ја засили дебатата.
Втора контроверза за кратко време
Оваа ситуација следува по уште еден чувствителен момент на 76. издание на Берлинале. На прес-конференцијата по отворањето, претседателот на жирито, славниот режисер Вим Вендерс, одби директно да се изјасни за поддршка на Палестина, нагласувајќи дека филмските уметници треба индивидуално и самостојно да се произнесуваат за политички прашања.
Фестивал меѓу уметност и политика
Случајот повторно го отвори прашањето за границата меѓу уметничката слобода и политичката одговорност, особено кога станува збор за настани што се финансираат со јавни средства.
Дали Берлинале ќе остане простор за слободен израз или ќе се соочи со реструктуирање на раководството – одговорот би можел да стане јасен по вонредната седница што ја најави Вајмер.






