Поднесено обвинение за охридскиот советник Нефи Усеини и брат му

Обвинение е поднесено против Нефи Усени, советник на ДУИ во охридската општина и неговиот брат заради извршеното насилство врз едно лице на 18 август годинава. Охридското обвинителство денеска до Основниот суд Охрид поднесе Обвинителен предлог против две лица, браќа на возраст од 45 и 48 години, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители го сториле кривичното дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

-Обвинетите на 18 август 2020 година, околу 11.30 часот, по претходен договор извршиле грубо насилство врз едно лице при што во јавноста, кај присутни гости и вработени во хотелот „Јуник“ во Охрид, предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв. Обвинетите го повикале оштетениот на средба во хотелот, па откако тој пристигнал со возило, на совозачкото седиште седнал еден од обвинетите. Веднаш започнале расправија, излегле од возилото кај паркингот пред хотелот, каде во меѓувреме пристигнал и вториот обвинет. Во тој момент, двајцата обвинети физички го нападнале оштетениот, се наведува во соопштението.

Во него потоа се наведува дека на еден од обвинетите од пантолоните му испаднал тврд предмет во облик на пиштол, кој потоа го зел вториот обвинет.

-Оштетениот со тупаници бил удиран во пределот на главата и телото пред влезот на хотелот и внатре, каде обвинетите во пределот на главата го удирале и со тврдиот предмет во облик на пиштол. По извршеното насилство со кое на оштетениот му биле нанесени телесни повреди, обвинетите го напуштиле местото на настанот, се вели во соопштението на обвинителството.

Оттаму додаваат дека бараат продолжување на мерката притвор поради постоење опасност од нивно бегство.

Претходна вестПочинаа пациенти на возраст од 48 и 67 години, новозаразени од вирусот се 145 лица
Следна вестПолицијата уапси дилери на дрога