Потрагата по 29-годишното момче кое што минатата недела исчезна во вештачкото езеро Глажња ќе продолжи се додека не се најде телото, најави денеска директорот на Дирекцијата за зашттиа и спасување Беким Максути.
-Денешниот и двата последователни денови се критични за да бидеме успешни, односно да го пронајдеме лицето кое исчезна во водите на езерото минатата недела и со тоа да ја заокружиме една хумана мисија, рече Максути.
Шест нуркачи од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и осум други од Баталјонот за специјални намени „Волци“, заедно со припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска ја продолжија потрагата по мажот кој на 30 јули исчезна во водите на вештачкото езеро на браната „Глажња“.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов кој рече дека се пребарува и под вода но и на брегот на езерото.
-За жал условите и денеска се лоши, видливоста е многу слаба. На само неколку метри од брегот длабочината доаѓа до повеќе од 10 метри за на неколку метри од брегот да има длабочина поголема од 20 метри. Нашите нуркачи се обучени и нуркаат до максимум 40 метри длабочина, вели Ангелов.




