„Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополоски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2022 година, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. На добитникот му беа врачени плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири комисијата на 24-то доделување на престижната книжевна награда во земјава, имаше полни раце работа бидејќи во конкуренција беа вкупно 35 романи.
– За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов, навистина мора да е врвно напишан. Овој наслов, што само го најавува патешествието на семејството Пустополски, претставува вистинско читателско уживање, се вели во образложението на жири комисијата.
Тие појаснија дека преку ова дело Урошевиќ ни говори за животот од едно време кое минувало пред лицето на Вардар каков што ние не го знаеме, а сведочело за многу убави и неубави нешта.
-Време кое во романот започнува во летото 1898 година, а трае се до првите децении по завршувањето на Втората светска војна. Приказната вовлекува со својата ноншалантност, со одмереноста, импресивната фантазија и со сериозно изградените ликови по профил и тежина. Во овој роман има нешто „пркосно“, нешто кое ненадмено отскокнува од другите, а тоа го можат само најдобрите, посочува жири комисијата.
Влада пак на прес-конференцијата изјави дека му е огромна чест што како иницијатор на наградата стои Фондација која го носи името на Славко Јаневски.
– Славко Јаневски, нашиот прв романсиер го сметам за извонредно значаен автор и во текот на животот на годините, Склавко и јас бевме во мошне динамични односни, од жестоки караници до едно големо вистинско пријателство, изјави Урошевиќ
Како што потенцираше тој, романот го пишувал две и пол години, со големи напори да го задржи темпото на пишувањето. Најголемиот поттик за пишување му била визијата за една стара куќа покрај реката Вардар.
-Мојата опсесија со куќи е дамнешна и е поврзана со мојот живот. Во овој роман таа куќа е главната личност. Сум живеал во бурни времиња и од седум куќи сум бил насилно иселуван. Разни војски ме иселувале насилно, а од седмата куќа насилно сум иселен поради земјотресот, и веројатно така се родила опсесија кај мене за една куќа која стои со векови цврсто на едно место и има некој свој живот кој го дели со нејзините жители, изјави лауреатот на наградата.
Инаку, Урошевиќ се смета за еден од најпознатите македонски книжевни автори. Роден е во Скопје, на 17.10.1934 година. Автор е на бројни книги поезија, на раскази, романи, есеи, патописи, книжевна и ликовна критика, како и на книжевна теорија и преводи.