Путин и Џинпинг насмеани – денес ќе потпишат 2 големи договори, Блинкен ги критикува

Светскиот дипломатски двоглед деновиве е усмерен кон Москва. Кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин имаат срдечна средба која ќе трае дури три дена. Западниот свет под водство на САД негодува, другиот дел од светот гледа и чека што ќе се договорат двајцата лидери на Кина и Русија.

Денеска како што се најавува, на вториот ден од разговорите Џинпинг и Путин во центарот на вниманието че ги имаат економските односи на двете земји и се очекува да потпишат два големи договори за проширување на „сеопфатното партнерство“ и „стратешката соработка“.

Патувањето на кинескиот претседател во Москва се смета за голем поттик за неговиот руски колега во моменти кога западот се обидува да го изолира. Вчера Џинпинг и Путин разговараа четири и пол часа, нарекувајќи се еден со друг „драг пријател“. По разговорите, Путин го отпрати Си до неговиот автомобил, што е реткост, а двајцата беа видени заедно насмеани.

Рускиот лидер за време на средбата рече дека е отворен за разговори за Украина и го пофали предлогот на Пекинг за конфликт од 12 точки, кој вклучува повик за дијалог и почитување на територијалниот суверенитет на сите земји. Кина се обидува да се прикаже себеси како неутрална страна во конфликтот во Украина, но Вашингтон вели дека потезите на Пекинг би можеле да бидат „тактика на застој“ за помош на Москва.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека посетата на Си на Москва „сугерира дека Кина не чувствува одговорност да го повика претседателот на одговорност за злосторствата извршени во Украина“.

Инаку, неочекувано, денеска исто така ќе се одржи средба на врвот во Киев, каде што јапонскиот премиер Фумио Кишида ќе се сретне со Володимир Зеленски и ќе му понуди „солидарност и поддршка“.

 

Претходна вест„Недела на франкофониски филм“ од четврток во Кинотека на Македонија
Следна вестДа не чекаат гусари да дојдат и да ја потопат или украдат галијата?