Големото мнозинство од граѓаните го поздравија воспоставувањето на системот „Сејф Сити”. Но, сега, најновото укажување од МВР дека камерите ќе снимаат и казнат по 45 евра секој оној возач кој ќе поминат на зелено, но нема да успеат поради гужва навреме да ја поминат крстосницата, станува дискутабилно за повеќето возачи.
Од полицијата велат дека станува збор за прекршок „угушување на крстосница” и дека секој возач е должен однапред да процени дали ќе може целосно да помине, без оглед што семафорот покажува зелено светло.
Но, граѓаните прашуваат што попрво: дали да се следи семафорот, колоната возила пред нив, пешаците што преминуваат или протокот од споредните улици на крстосницата.
Посебно спорни се раскрсниците каде истовремено се пали зелено и за автомобили и за пешаци од попречна насока. Во такви ситуации, додека се чека пешаците да поминат, зеленото се гаси и возилото останува „заробено” во средина, по што следува казна.
Не треба да се претерува со „Сејф сити”, е една од многуте реакции на граѓаните. Тие бараат појасни правила и подобра координација на семафорите, со цел безбедноста да не се претвори во ригорозно казнување на возачите.




