Сега се копаат крипто – валути, а нивите во друга прилика

Има луѓе кои се подготвени да направат се` само до пари да дојдат. Од друга страна нашиот народ вели – Нема леб без мотика.

Ама сега се модерни времиња, па некои „мангупи„ избраа друг тип на мотики – компјутерски. Нормално во Македонија и тоа се извитопери. Копањето на криптовалути преку кражба на електрична енергија станува се почесто криминално дело во земјава. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски откри дека во текот на годината се откриени три вакви дела,к а четири лица се здобиле со пријави.

Во јавноста, пак, се уште не се расчистени сомнежите околу тоа дали вакво копање и кражба на струја имало и во подрумите на Градски трговски центар, иако полицијата соопшти дека не била утврдена кражба. На ова се надоврза и откривањето на нов случај на копање на криптовалути во „Железници и Транспорт“. Таму, двајца осомничени се упасени поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“…

Очигледно, ваквото копање станува се поприфатен вид на „работа“ во наша земја, со оглед на тоа колку неконтролирани електро-приклучоци има во земјава, посебно кога се работи за државни институции, претпријатија и слично. Не се исклучува можноста во наредниот период да добиеме што повеќе вакви „копачи“ и покрај кризата со струјата што ја имаме. Вредноста на најатрактивната крипто-валута биткоин, која надмина 60.000 долари и тоа е мамка на која потенцијалните криминалци тешко може да одолеат.

А во меѓувреме, нашите ниви остануваат неископани. Копачи за нив има се помалку и тоа се гледа по се поголемиот увоз на земјоделски производи, по се поголеми цени на храната, по опустувањето на селата… Во таква ситуација, можеби е вистинско време за воведување на нов вид на казни – копањето на крипто – валутите преку кражба на струја да се казнуваат со копањето на нивите. Таму, сигурно, ќе се најдат најхранливи биткоини…

Претходна вестПрофесор Јовевски: Оние кои ќе принудуваат вработени на вакцинација спротивно на нивната волја ќе бидат и кривично одговорни
Следна вестДа стартуваме со зони со ограничена брзина од 30 километри на час