Силен руски ракетен напад врз Украина

Низ Украина утрово беше издадено предупредување за воздушен напад, а граѓаните беа повикани да останат во засолништа. Шефот на кабинетот на претседателот Андреј Јермак објави дека првите руски ракети биле соборени над територијата на Украина, пренесуваат украинските медиуми.

Русија утрово изврши уште еден масовен ракетен напад врз Украина, а експлозии се пријавени во Киев, Винитсија, Дњепар и Миколаев, јави „Киев Пост“. Според првичните извештаи, експлозиите се од украинската противвоздушна одбрана, а не од руски ракети кои погодиле цели. Противвоздушната одбрана била активна и во јужните региони на земјата вклучувајќи ја и Одеса.

Предупредувањата за воздушен напад, кои почнаа околу 7:45 часот по киевско време, во моментов сè уште се во сила низ целата земја.

Денешниот напад доаѓа по непроспиената ноќ за многумина во Украина, бидејќи Русија во текот на ноќта лансираше бран ирански дронови камикази врз повеќе градови вклучувајќи го и Киев. Украинската воздушна одбрана ги собори сите 24, потсетува весникот.

Последниот голем ракетен напад на Русија врз Украина беше во саботата на 14 јануари, во кој ракета погоди станбена зграда во Дњепар, при што загинаа најмалку 46 луѓе.

Претходна вестПронајдени оружје и муниција во скопско
Следна вест Европарламентот ќе му одржи лекција на Џамбаски или уроците за демократија се само за Македонците?