Европарламентот ќе му одржи лекција на Џамбаски или уроците за демократија се само за Македонците?

Европарламентот е храмот на демократијата и соработката. Вака ни се објаснува скоро секој ден што институција е тоа. Впрочем европарламентарци често доаѓаат во Македонија да ни држат лекции по демократија, толеранција, дијалог…

Арно ама еден европарламентарец неодамна салутираше со нацистичкиот поздрав среде таа институција, а истиот во Скопје навредуваше со изјавите дека „Македонците се Бугари“ и дека „Македонија е Бугарска“. Европарламентот млако или скоро и не реагираше на тоа. И, завчера бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски осилен го допре дното – упати јавна закана до македонскиот претседател Стево Пендаровски.  

-Да му порачам на Стево Пендаровски, наречен Стево Коминтерната дека во минатото и други се обидувале да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија, а последниот таков пример е со југословенскиот, со српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Ако се обидат да ми забранат влез во Македонија нека погледнат во историјата и нека учат од неа, рече Џамбаски во прексиноќешниот разговор за телевизија Нова.

Заканата одекна силно во Македонија. Ама одекна ли во Европарламентот? Ја видоа ли, ја слушнаа ли во Стразбур заканата на европратеникот до претседателот на Македонија дека може да очекува атентат? Ќе се реагира ли на тоа, ќе се осуди ли, ќе има ли некаква санкција кон него?

Неодамна, кога Џамбаски ширеше навреди во центарот на Скопје дека Македонија и Македонците се бугарски, од Европарламентот се оградија од него. Всушност, повеќе одбегнаа да го коментираат навредувањето отколку да го осудат.

 Ова негово однесување спаѓа единствено под одговорност на пратеникот и во секој случај не ја претставува позицијата на Парламентот, изјавија тогаш од ЕП за македонските медиуми.

Европарламентот ќе му одржи лекција на својот член или тоа го прават само кон земји како Македонија? Па нели европратеник треба да делува во духот и заложбите на ЕУ за демократија и еднаквост или демократијата и еднаквоста е само за членовите во Унијата, а за другите следат диктати, лекции, барања…? 

Претходна вестСилен руски ракетен напад врз Украина
Следна вестСкопјанец претепал и заклучил во неговиот дом жена која одбила да има секс со него