Министерството за надворешни вработи со внимание ги следи изјавите и активностите кои доаѓаат од Република Бугарија и со жалење констатира дека последните активности на официјална Софија, не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи; напротив, тие претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете Влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји, соопшти денес МНР по повод повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Македонија.
Во реакцијата се додадва дека иако повикувањето на амбасадор на консултација во матичната држава е право на земјата испраќач и редовна дипломатска пракса, МНР изразува жалење за ваквиот чекор кој смета дека е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален.
Се додава и дека Северна Македонија покажа силен демократски и институционален капацитет и низ брза и ефикасна постапка го стави последниот инцидент низ правосудните процеси, откривајќи ги и приведувајќи сторител на кривичното дело, против кого активно се водат истражни дејствија.
-Дополнително, преку своите изјави на највисоко ниво, претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи го осудија инцидентот, а министерот дополнително оствари итна посета на Софија, вклучувајќи посета и на повредениот со цел јасно да ја демонстрира одлучноста на државните органи во обезбедување правна сигурност, безбедност и одржлив јавен ред, вели МНР.
Од Министерството додаваат дека во периодот што следи остануваат внимателно да ги следат сите изјави и постапки на официјална Софија, очекувајќи смирување на страстите и отстранување на провокациите, со цел повторно враќање на дипломатските активности, на приоритетите кон заедничките проекти, работните групи итн., кои се во насока на зачувување и унапредување на добрососедските односи.





