Решавањето на проблемот со штрајкот на вработените во Државен испитен центар сепак не е на повидок. Иако министерот за образование Јетон Шаќири утринава најави дека од јануари нивните плати ќе може да се зголемат за 30 проценти така, меѓутоа, не мислат и вработените чие главно барање е зголемувањето на платите за 25 отсто. Шаќири рече дека зголемувањето е можно бидејќи „има нов колективен договор, нови одлуки на Министерството за финансии и нов начин на зголемување на платите“.
Но, во денешната реакција Синдикатот ДИЦ му порачува на министерот дека создава заблуди.
-Министер, Вие и Вашиот колега од Министерството за финансии би требало сериозно да си ја сфатите функцијата и да не ја доведувате во заблуда јавноста дека ќе го решите проблемот на почетокот на следната година. Се повикувате на: непостоечка уредба со која би добиле додаток на плата. Ние не бараме додатоци, туку бараме достоинствена плата како што ја имате и Вие. Се повикувате на Општ колективен договор кој би важел од јули 2025 година. Објаснете ѝ на јавноста за какво решение зборувате кога се повикувате во моментов на непостоечки документи?, потенцираат од Синдикатот на ДИЦ.
Вработените додаваат дека сериозен политичар борбата на вработените за достоинствена плата за егзистенција не смее да си дозволи да ја исмева нарекувајќи ја желба за популарност.
-Ве повикуваме и Вадс и вашите колеги кои изјавувате дека имате системски или какви било решенија да го решите проблемот сега и веднаш. По седум месеци секое одложување е смешно. На крајот бидете и Вие општествено одговорни па откажете се од Вашата плата во интерес на образовниот процес и вработените на ДИЦ, затоа што нашите барања за покачување за сите вработени во ДИЦ се околу една министерска плата!, порачаа од Синдикатот.



