Сите членови на Судскиот совет да поднесат оставки, бараат граѓански организации

Сите членови на Судскиот совет да поднесат оставки и да овозможат формирање друг состав на Советот, побара денеска Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Тие сметаат дека тоа е единствен кредибилен начин за надминување на состојбите предизвикани од незаконско постапување на Советот.

Во соопштението се укажува на бројните прекршувања направени на последните седници. Се наведува дека на 26 април 2023 година, Судскиот совет  спротивно на Деловникот за работа вметна точка во веќе изгласаниот дневен ред, по што одлучуваше за разрешување на претседателот на Судскиот совет. Притоа не се почитувани правилата предвидени во Законот кои се однесуваат на потребното мнозинство за избор, како и на одредбите кои ја уредуваат дисциплинската постапка во рамки на која единствено може да се утврди несоодветно постапување на член на Советот, вклучително и претседателот.

Судскиот совет, додаваат од Платформата, на 4 мај 2023 година соопшти дека е закажана седница само 15 минути пред нејзиниот почеток, а истиот ден извести дека во меѓувреме се оствариле две седници со исклучена јавност, што е направено надвор од законските основи за исклучување на јавноста, како и без следење на процедурите за исклучување и без образложение за причините за истото. Притоа, на јавната седница не беа усвоени записници од претходните седници, ниту беше реферирано што се случувало на седниците на кои јавноста беше незаконски оневозможена да присуствува, туку Советот продолжи со избор на нов претседател како јавноста веќе да е запознаена со сѐ што се случувало претходно на нејавните седници.

-На овие нејавни седници, според соопштенијата објавени на веб-страницата дури откако беше завршена јавната седница од 4 мај, била повлечена одлуката за разрешување на претседателот, иако Законот не предвидува можност за повлекување на донесени одлуки на Советот, но исто така е направено повторно разрешување, повторно надвор од каква било законски предвидена процедура, додаваат од Платформата

Се смета дека и со одлуката да се отстранат телевизиските камери од просторијата каде се одржува седницата е дополнително намалување на транспарентноста на Советот.

-Имајќи предвид дека неправото не може да стане право, Судскиот совет ја изгуби легитимноста да биде тело кое ќе ја штити судската независност, ќе ја унапреди репутацијата на судскиот систем во јавноста и ќе гарантира отчетност и квалитет во работата на судиите. Затоа, бараме од актуелните членови да поднесат оставки и да овозможат формирање на друг состав на Советот, како единствен кредибилен начин за надминување на состојбите предизвикани од незаконско постапување на Советот, се вели во барањето.

Претходна вестГрчката и македонската полиција разби меѓународна мрежа за трговија со дрога, запленети над 100 килограми кокаин
Следна вестВласта почна со носењето на законите за автопатските коридори, за опозицијата тоа е „институционален криминал“