Власта почна со носењето на законите за автопатските коридори, за опозицијата тоа е „институционален криминал“

Пратениците од парламентарното мнозинство денеска ја изгласаа потребата по скратена постапка да се донесат неколку закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д на кои Владата им стави европско знаменце. За опозицијата ова е прекршување на сите закони и на собранискиот Деловник и институционален криминал.

Потребата за донесување е изгласана за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за експропријација и на Законот за работните односи, сите по скратена постапка.

Координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека владејачкото мнозинство и Владата го злоупотребиле европското знаменце.

-Ова значи дека сега ќе имаме опструирана дебата како и ограничена амандманска расправа по овие закони. Ова е предвидено со членот 135 од Деловникот при што треба да се наведат податоци за изворниот акт на ЕУ со полн назив, како и изјава за усогласеност. Потпис на надлежниот министер, како и јасно наведување на правниот акт  на кој се однесува извршеното усогласување. Тоа го немаме. Празни се коресподентните табели. Ништо од ова не постои во содржината на законите и токму поради овие неправилности требало овие закони да бидат вратени на владина седница, а не да продолжат со продолжена процедура по истите, оцени Мицевски.

Пратеникот од „Левица“, Борислав Крмов рече дека петте закони, кои ги нарече лажни, експресно дошле на седница додека нивните предлози како оној за намалување на платите на функционерите уште се чува во фиока.

Според Павле Трајанов од Демократскиот сојуз  се случува покривање на криминалот.

-Никаде не видовме дека има усогласување на домашното законодавство на овие закони со законодавството на ЕУ. Се работи за да се покријат коруптивините договори на договорот постигнат со „Бехтел и Енка“ и во суштина овие 5 закони се закони за амнестија на Договорот со „Бехтел и Енка“, зборуваме за коруптивните елементи. Се случува институционален криминал парламентот да ги покрие криминалните дејствија, што ќе резултираат со имплементација на договорот, рече Трајанов.

Маја Морачанин од ДОМ рече дека не е прифатливо овие пет закони да бидат усвоени и разгледувани со европско знаменце бидејќи не се врши усогласување на законската регулатива со европското законодавство.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека од политички аспект ставањето европско знаменце на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д има основа, а тоа е успешна изградба на овие автопати и комплетирање на трансевропската мрежа на коридори. Маричиќ рече дека се во редовна комуникација со Европската Унија и оти објасниле зошто го прават тоа.

-Тоа што мислам дека треба отворено да си го кажеме, оваа одлука е донесена за да се заобиколи нелегитимната блокада од страна на Левица, проруска партија, анти-НАТО партија, анти-ЕУ партија која ќе направи сѐ да ги спречи коридорите и впишани во европските трансевропски мрежи и за еден ваков проект реализиран од американска компанија, рече вицепремиерот за европски прашања.

Претходна вестСите членови на Судскиот совет да поднесат оставки, бараат граѓански организации
Следна вестМакедонци, Албанци и Грци заедно шверцувале кокаин сокриен во контејнери со банани