Темен режим Режим на светлина

Со ДНК-анализа останките на Панко Брашнаров може брзо да се идентификуваат, смета Владимир Тевчев, еден од пронаоѓачите на гробот

Преку ДНК-анализа посмртните останки на Панко Брашнаров може брзо да се идентифукуваат по што би започнала процедура за нивното враќање во Македонија, смета Владимир Тевчев, кој беше дел од тимот кој за првпат откри каде почива овој македонски револуционер. Овој тим во септември 2011 година утврди дека останките на Брашнаров се наоѓаат во една заедничка гробница на гробиштата Мирогој, во Загреб, Република Хрватска. Претходно, нивното истражување покажало дека откако починал на 13-ти јули 1951 година на Голи Оток, Брашнаров две години почивал на озлогласениот остров, а потоа во 1953 година неговите останки биле префрлени на Мирогој.

-Посмртните останки на многу затвореници биле префрлувани од Голи Оток по разни локации на копното. Ние најдовме записи во хрватскито Архив дека останките на Брашнаров се погребани на Мирогој. Но, и таму се префрлувани на други локации како што се ширеле гробоштата. На крајот, утврдивме дека се ставени во една заедничка гробница, со останките и на други починати лица за кои не знаеме кои личности се. Таа локација е на крајот на гробиштата, во близина на крематориумот. Ни рекоа дека во таа гробница нема многу останки, ни вели Тевчев.

Во новинарскиот тим уште беа и Александар Кукулев и Данчо Стефков.

Тевчев додава дека е извесно дека останките на починатите не биле мешани и дека процесот на идентификацијата не би требало да биде многу тежок.

-Основно е да се земат узорците на ДНК од коските и од роднините на Брашнаров. Внуката од Брашнаров, ќерката од неговиот брат, е подготвена да даде примерок. Така, лесно може да се утврди кои се коските на Панко Брашнаров, наведува Тевчев.

Досега, во изминативе 12 години многупати се иницирало да се изврши идентификација на останките на Брашнаров но тоа никогаш не се случи. Кои се причините не се знае. Сега останува да се види каква постапка ќе поведе Општина Велес откако нејзиниот Совет донесе одлука да се започне иницијатива за враќање на моштите на македонскиот револуционер и народниот учител.

Брашнаров е роден на 9 август 1883 година во Велес и е познат македонски национален деец и најстар пратеник на Првото заседание на АСНОМ, прв претседавач на Заседанието и прв потпретседател на АСНОМ, прв повереник на првата привремена влада на Македонија и иницијатор за формирање на првата новинска агенција на Македонија, најблизок соработник на Методија Андонов – Ченто. По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. По ослободувањето на Македонија, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година. Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира. Шест децении не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
ВМРО-ДПМНЕ започнува внатрепартиски промени во раководството

ВМРО-ДПМНЕ: За 5 години Железници потрошиле 100 милиони евра без ниеден проект, каде завршуваат парите?

Следна објава

Teшко повредени две деца кои заедно се возеле на електричен тротинет