Во двете пријавувања во јунскиот уписен рок во прва година средно образование во учебната 2023/2024 се запишале 15.481 ученик, од кои речиси две третини во стручните училишта. Министерството за образование и наука информираше дека според конечните ранг-листи во стручно образование се запишале 10.277 ученици, 4.603 ученици се запишани во гимназиите, 414 во спортска гимназија и 187 во уметничко образование.
Според наставниот јазик, 11.325 се запишани за настава на македонски јазик, 3.852 ученици за настава на албански, 298 за настава на турски и шест ученици за настава на српски јазик.
На првото пријавување, кое се реализираше преку електронско аплицирање на 20 и 21 јуни, се пријавиле 16.007 ученици, а на второто пријавување – на 27 и 29 јуни се пријавиле 3.371 ученик. Пријавувањето во августовскиот рок ќе биде на 21 август до 24 часот во училиштата во кои има слободни места..
МОН соопшти дека во гимназиското образование пополнети се сите места во гимназиите „Никола Карев“ и „Георги Димитров“. Во останати гимназии, во кои до скора се бараше место повеќе, не се пополни предвидениот број на слободни места. Тоа најмногу се однесува на скопските гиманзии „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски-Корчагин“ кои не се наполнија ниту во вториот уписен рок за учебната 2023/2024 година.


