Не е доволна казната за возачот на „Бентли“ од 45 евра, изјави денеска министерот за надворешни работи, Оливер Спасовски. Тој ја осуди случката, во која возач од Арачиново брзо возеше на плоштадот Македонија во Скопје при што помина низ новогодишни украси и загрози повеќе граѓани.
-Имаме неодговорни граѓани кои се однесуваат бахато во такви услови. Важно е дека полицијата веднаш постапува. Не е доволна казната за возачот. Тука треба да се размислува, да има казни кои би биле подрастични. Не се времињата во кои некој така може да се однесува на плоштадот, рече Спасовски.
Казна од 45 евра од страна на полицијата е изречена на Б.А. од Арачиново кој го возеше луксузниот автомобил. За казната синоќа на својот профил на Фејсбук се пофали и градоначалникот Петре Шилегов при што се заблагодари токму на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за брзата интервенција.
Б.А. е казнет според членот 187, став 6 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. Таа одредба гласи: Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно со одредбите на овој закон, на учесник во сообраќајот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (3) на овој член.
Но, ваквото образложение и висината на казната ги изреволтира граѓаните кои наведуваа примери за многу повисоки казни и за прегорена сијаличка на автомобилски фар, а наведуваа и примери по кои други основи возачот можел дополнително да се казни, но тоа не било направено.
Останува нејасно дали по изјавата на министерот дополнително ќе се казни возачот или Спасовски само кажа дека казната не е доволна.