Срамни слики по дожд во Скопје: Канализација извира од шахта, дрва паѓаат по шеталишта и паркинзи

Што ни покажаа последните два – три дождливи денови, во скопско? Дека доволно е да врне само толку и од шахтите на прометните улици- чии капаци се исчезнати и не се поставени нови – да „извира“ вода и да создаде езеро…

Да не зборуваме дека после таквата случка шахтата ќе биде заборавена и не санирана. Но, деновиве се покажа и дека треба да научиме да не паркираме под дрва стари и натежнати, бидејќи на првиот дожд можат автомобилите да ни се уништат, а ако немаме среќа и нас да не повредат.

Звучи претерано или иронично, ама има и зошто:

По дождот во саботата ноќта на улицата „Народни херои“ во близина на Домот за слепи лица во Кисела вода, од шахта „извира“ силен млаз вода па канализационата создржина се излева на улицата. Трагедијата да биде уште поголема ова се случува 4 години по ред, односно сите овие години и покрај молбите на околните жители шахтата зее отворена и никој не го средил проблемот. После толку време овие луѓе одлучија да се обратат до медиумите. Откако сторијата им беше објавена, екипите на комуналните служби на Кисела вода го санираа ѓубриштето што се раширило, но шахтата пак е отворена.

-Ова не е ништо. Имаме фотографии од автомобили што завршија во шахтата, оштетени. Толку ли е тешко еден капак да се стави а претходно да се исчисти шахтата, коментираат скопјани.

На неколку места низ Скопје стари дрвја натежнати од дождот паѓаат на среде улиците. Такви гледаме по секој дожд, а видовме и после последниот. Јасно е дека не може да се предвиди кога некое дрво заради природна неприлика ќе се струполи, но оние дрвја кои и при сонце се речиси легнати на земја, очигледно е дека се стари и треба да се исечат. Во европските метрополи вакви дрвја не се дозволува да надвиснат, оособено не ако се крај пат или шеталиште. Кај нас се чека да паднат врз автомобил или – не дај Боже- врз некој човек, па дури тогаш да бидат исечени.

Локалните власти крајно време е да го стават прстот на глава: ако една шахта или старо занемарено дрво не можат да санираат што станува за далеку посериозни проблеми?! Зборовите напишани во партиските програми пред избори не значат ништо, ако ги нема на дело.

И треба да се знае, секој малку посилен дожд не е невреме, па да се вадат на тоа дека „невремето“ направило штети.

Претходна вестЗаев: Влада треба да се формира, нови избори не се решение
Следна вестПрво издание на „Flipbook Film Festival“ во МКЦ, од денеска до 13 август