ССМ најави генерален штрајк од 22 јуни

Генерален штрајк од 22 јуни ако дотогаш Владата не ги исполни нивните барања, најави денеска Сојузот на синдикатите на Македонија. Барањето е да се изврши линеарно зголемување на платите до 2 806 денари во јавниот сектор. Штрајкот ќе ги опфати сите институции каде што се синдикално организирани во јавниот сектор – војската, полицијата, образованието, здравството, комуналните претпријатија општините, управата, администрацијата…

Ова на денешната прес-конференција го соопшти првиот човек на ССМ, Дарко Димовски кој додаде дека се бара и враќање на изгубеното право на регрес од 2023 година во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата во државата.

– Претседателството на Сојузот на синдикати на Македонија донесе одлука за повикување и поведување на генерален штрајк во јавниот сектор доколку не се исполнат нашите барања. Доколу овие барања не се исполнат до 21 јуни, на 22 јуни ССМ таму каде што е синдикално организиран, ќе ги повика сите членови но и останати незадоволни работници да ги прекинат работните процеси и да изразат големо незадоволство, односно да направиме генерален штрајк, рече Димовски.

Тој потсети дека согласно Законот за минимални плати, со порастот на минималната плата треба да се усогласат сите останати плати.

– Ние сме оптимисти и очекуваме нашиот социјален партнер, Владата, сериозно да ја сфати работата бидејќи ССМ ова го бараше уште од први мај на што беше реагирано дека исполнување на барањето може да се случи само со ребаланс на Буџетот и со утврдување на паричните средства во законот за извршување на Буџет. Износот кој го бараме не е голем туку солидарен за да се издржат ценовните шокови настанати поради инфлацијата, додаде Димовски.

Претходна вестОпштина Гази Баба ќе доделува по 3.000 денари за секое прваче
Следна вестРегистрирани 72 нови случаи на Ковид-19, двајца починати