Темен режим Режим на светлина

Судот во Хаг санкционира член на ОВК од Косово, отвора ли тоа прашања и за четирите „Хашки случаи“ од Македонија?

Специјалниот суд за воени злосторства направени на Косово чие седиште е во Хаг деновиве донесе една пресуда која го сврте вниманието на јавноста. Имено, затворска казна од 22 години е конечната санкција за дејанијата кои за време на војната на Косово од 1998 до 2000-та година ги правел Салих Мустафа, поранешен припадник на косовската ОВК.

Првично првостепено беше осуден на 26 години, а апелациските судии казната му ја намалија за четири години. Ова е прва конечна пресуда во рамките на овој специјален дуд. Сега, во текот на идната година треба да се види како судиите ќе пресудат во големиот предмет во кој обвинети неколку водечки личности на тогашната ОВК. Тие се товарат за воени злосторства и злосторства против човештвото…

Но, ќе се види и нешто друго: дали некој македонски државјанин, учествувајќи во редовите на ОВК, направил некое злосторство и по што може да биде обвинет од оваа судска инстанца. Колку за потсетување, лидерот на ДУИ ли Ахмети веќе двапати давал изјави пред овој Суд во својства на сведок бидејќи во тој период бил и член на штабот на ОВК на Косово. А што се може да открие натамошна истрага за некои злострства направени од страна на припадници на ОВК останува да се види.

Сепак, и тоа е доволно во фокусот на македонската јавност одново да се врати прашањето на четирите предмети за злосторствата на ОНА за време на конфликтот од 2001 година во Македонија, а кои своевремено беа во надлежност на Хашкиот трибунал за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија.

Хашкиот трибунал, кој веќе формално е згаснат, имаше надлежност и за правно процесирање на злосторствата што се случија за време на конфликтот во Македонија во 2001 година. Два случаја од тој конфликт во 2001 година во Македонија имаа правно-казнена завршница во Хаг, односно Јохан Тарчуловски беше осуден и ја издржа казната за настаните во скопското село Љуботен, додека Љубе Бошковски беше ослободен од вина.

Сепак, особено контроверзно во „затвореното досие“ на Хашкиот трибунал остана враќањето на четирите предмети за злосторствата на ОНА- „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ вратени во надлежност на македонските судови. Македонското судство никогаш до сега не ги заврши овие предмети. Причина за тоа се наоѓа во донесувањето на Законот за амнестија за кривичните дела од воениот конфликт во 2001 година, а според чие автентично толкување во 2011-та година, се амнестирани и сторителите на овие четири тешки кривични дела.

– Со оваа одлука, сите сторители на кривични дела во воениот конфликт во 2001-ва, за кои Хашкиот суд нема поведено постапка, ќе бидат амнестирани ако делото било извршено до 26-ти септември 2001-ва, пишува во Законот.

По ова, македонското судство практично никогаш повеќе не се ангажираше ниту пак нешто работеше околу овие предмети иако спредмети околу „воени злосторства против човештвото“ не застаруваат. Дури и Комитетот за тортура на Обединети нации во 2015-та година во тогaшниот свој извештај предупреди и побара нови истраги за четирите хашки случаи и за случајот на шестемина исчезнати албански цивили.

-Комитетот е сериозно загрижен дека изворното толкување на Законот за амнестија ќе обезбеди да поминат неказнето луѓе обвинети за кршење на човековите права што се случило за време на конфликтот во 2001 година, меѓу кои спаѓаат четири случаи изведени пред суд за сторените воени злосторства: водството на ОНА, мавровски работници, липковска брана и Непроштено, грабнувањето на 12 етнички Македонци и еден бугарски државјанин од ОНА и случаите на шестемина исчезнати припадници на албанска националност, за кои постои сомневање дека е одговорна полицијата, се вели во тогашниот извештај.

Дали неодамнешната пресуда за лицето од Косово ќе раздвижи и нешто во Македонија или ова прашање околу злосторствата кај нас е целосно затворено?

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
Со ножеви и палки направиле голема тепачка во Скопје, полицијата уапсила девет лица

Тепачка меѓу четири лица во Тетовско, имале нерасчистени имотно-правни односи

Следна објава

Уапсени двајца дилери во Охрид, кај едниот полицијата пронашла дрога кај другиот пари