Иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на измените на Кривичниот законик денеска поднесе лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов.
Ова опозициска партија наведува дека со измените се намалуваат казните за злоупотреба на службената должност и злосторничко здружување и се предвидува декриминализација на кривичното дело поврзано со јавните набавки на штета на државата.
Во иницијативата се наведува дека измената со која се намали затворската казна за делата што се извршени во состав на злосторничко здружение е спротивна на Уставот по три основи, осносно со неа се нарушува владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост, како и загарантираната еднаквост на сите граѓани пред законите.
– Во законската измена конфискацијата на имотот се врзува со висината на казната за дела извршени со злосторничко здружување иако јасно произлегува дека конфискацијата не може да зависи од висината на казната, бидејќи таа е поврзана само со стекнување на имот на незаконски начин, а во никој случај со висината на казната, се вели во иницијативата.
За измената со која пропишаната казната за злоупотреба на службената положба и овластување од најмалку три години затврор се намали на пропишана казна од шест месеци до три години, исто така се наведува дека е спротивна на уставните категории владеење на правото и еднаквоста на сите пред Уставот и законите.
-Во иницијативата се укажува на обврската уставните одредби за владеење на правото и законите да важат подеднакво за сите, како и на потребата од заштита на државниот имот од злоупотреби на носителите на јавни функции. Воедно, се очекува Уставниот суд по службена должност да донесе времена мерка за одложување на примена на измените во Кривичниот законик до донесување конечна одлука за Иницијативата, стои во соопштението.





