Претседателскиот кандидат на ДУИ тргна самоуверено во преставување пред граѓаните дека тој е вистинскиот избор. Бујар Османи при настапите на медиумите ги повторува како главни свои адути – искуството, работната дисциплина…
– Тоа што е уникатно во мојата кариера е мојата меѓународна етаблираност, искуство, контакти, а претседателот на државата тоа го прави, ја претставува државата надвор. Овој пат да не се гласа по етнички линии, туку по искуство, по кандидат, изјави Османи при настап на ТВ „Телма“.
Тој појасни и дека идниот претседател треба да биде еден вид на обединител.
-Претседателот треба да биде сврзно ткиво на различните етнички и политички наративи и да биде деескалатор, да биде деполаризатор, тој што ќе ги намалува тензиите, порача Османи.
Убави поенти.
Инаку, вистина е – Османи стекна големо искуство во дипломатијата. Но, како ја води македонската дипломатија и која корист од тоа виде Македонија ќе треба дополнително да објасни во ова предизборие.
А кога ќе почне подетално да објаснува не е лошо да каже и како тој замислува да биде „сврзно ткиво на разните етнички и политички наративи“. При тоа нека се сети на својата изјава од мај 2019 година:
-Јас сум избран во претседателството на ДУИ и сум предложен кај премиерот да ме предложи во Собрание. Според ова, премиерот има можност само да побара од Али Ахмети да биде сменет некој функционер на ДУИ и тоа да се потврди во претседателството на ДУИ, па дури и Али Ахмети треба да ја потврди таквата одлука во раководството на ДУИ, рече тогаш Османи, објаснувајќи кој него може да го смени од министерското место и кому тој одговара.
Вака ли ќе мисли и кога консензулано би го избрале за претседател на Македонија? Прво ќе треба граѓаните да го прашаат Ахмети дали имаат право да бараат Османи да работи во името на сите кои го избрале? A и самиот тој, кое мислење ќе му биде поважно, она на граѓаните кои го избрале или она на партискиот лидер кој го предложи да биде кандидат?
Има и други дилеми, ама има време се уште е само предизборие, се надеваме Османи ќе ги дообјасни работите околу неговата кандидатура и амбиција.