Лоши луѓе: Украдени дрвца во Бутел, уништени клупи во Гази Баба…

Скопје не може воздух да земе од лоши луѓе. Само што ги насадија, и новоизградениот булевар Христијан Тодоровски Карпош во Бутел заличи на урбана средина, некој откорна и украде 30 дрвца крај улицата. Иако беа уредно посадени со штитници околу себе, сепак се нашол некој инвентивен на кого му затребале, веројатно за во двор или за кој знае каде.

Неодамна се појавија фотографии и од парк шумата Гази Баба, во делот на шеталиштето, каде беа уништени клупите и реквизитите за одморање од прошетките. И не само таму, локално население од Автокоманда испраќаше фотографии до „Скопско ехо“ од уништување на шумата со правење на паркинг за камиони… Не слушнавме некој да одговарал и за двете работи, во Гази Баба.

А богами ни за дрвцата во Бутел. Иако, овој пат за волја на вистината, не може да бидат обвинети локалните власти. Можеби само во делот на ненаоѓање соодветен начин на откривање на крадците. Не разбравме дали ги прочешлале локалните камери поставени на улиците за да се види кој и кога ги украл. Сепак не се работи за едно или две стебла, туку за 30.

Овој пат срамот и вината е кај луѓето. Кај лошите луѓе. Но имаат ли тие срам? Не разбираат дека уништувањето на околината е и индивидуално уништување, и обратно: самите како дома треба да се однесуваме и надвор од нашите дворови оти овој град и земја се нашиот заеднички дом. Имаме обврска да ги чуваме, колективна и општествена одговорност.

30-те дрвца се уште една слика и опомена и за лошите луѓе, но и за органите кои треба да ги лоцираат и казнат.

 

Претходна вестЗатворени угостителски објекти во Скопје, сопствениците приведени
Следна вестПремиера на „Диши“ денеска во Драмски театар