Владата за 78 часа да го укине функционерското добивање на 78 проценти поголема плата

Уште ова и фалеше на празната македонска каса. Рапидно ќе скокнат платите на функционерите.

Плата од 2.700 евра за претседателот на државата, за премиерот 2.500 евра, за министрите околу 1.800 евра, тука некаде и за градоначалниците, за други избрани функционери чии плати се пресметуваат преку коефициенти… Ова се последиците од одлуката на Уставниот суд кој донесе одлука за тоа како да се исплатуваат платите на функционерите. Па за нив коефицентите од 2.20 до 4.50 веќе нема да се применуваат на фиксниот износ од 26.755 денари туку на просечната бруто плата за 2022 година од 47.700 денари – што води кон драстично зголемување на функционерските плати.

Што е многу, многу е. Реагира јавноста, реагираат синдикатите… 

-Ова е безобразно и мора брзо да се смени. Ниту Македонија има пари, ниту функционерите заслужиле да добиваат толкави плати, е еден од многуте слични коментари на социјалните мрежи.

Реагира и шефот на државата Стево Пендаровски кој порача дека е „невкусно во време на криза да се покачуваат плати на функционери“.

-Ја повикувам Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите, изјави Пендаровски.

Владата се уште се нема изјаснето. Драстичното зголемување на функционерските плати би требало да се применува почнувајќи од следниот месец и не е тешко да се пресмета колку десетици и десетици илјади евра тоа ќе го чини државниот буџет кој што го полнат граѓаните со свои скромни плати од 300, 400 евра.

Синдикалците пресметале дека на функционерите и судиите платите ќе им се покачат околу 78 проценти. Владата треба за 78 часа да најде начин тоа да не се случи.

Решенија има, а на едното од нив – преку намалувањето на бодовите – посочи и шефот на државата. Сигурно има и други решенија, нека ги најдат, власта многу пати покажала дека знае да пронајде правни оправдувања за работи кои сака да ги протне.

Подоцна, Владата треба и да се запраша зошто се дозволи во законската регулатива да има несредена регулатива врз основа на која одлучувале уставните судии. Односно, да се запрашаат зошто во однос на определувањето на функционерските плати имало двојство, односно, два начина а што е неуставно. Како е можно толкава армија на правници во владините ешалони да не забележале дека постои таква неправилност којашто може да повлече интевренција на Уставниот суд. Или, некому му одговарало така?

И време е Владата да се преиспита дали ги заслужува и досегашните плати. Ама за тоа ќе даде одговор и народот – на избори кои треба што побрзо да се случат.

Претходна вестОбјавен конкурс: Ќе се пополнат ли 658 паралелки за средни стручни училишта во следната учебна година?
Следна вестПукање во скопски Капиштец, убиено едно лице