Темен режим Режим на светлина

Власта подзаборави, но историчарите НЕ: Книга за 120 години Илинден – Македонската борба за самостојна и независна држава Македонија

За неполни два месеца, на 2 август, Македонија ќе го чествува својот најголем празник – Илинден, кој годинава ќе биде посебен бидејќи ќе се одбележуваат јубилејните 120 години од кревањето на Илинденското востание. За такви значајни јубилеи вообичаено е да се организираат (особено од држаните институции) бројни настани и манифестации со цел што подостоинствено да се прослават. Но, годинава како тоа не е случај.

Надлежните во владините редови малку нешта до сега направиле за да чествувањата бидат и бројни и содржајни ширум земјава. Се чини како да е подзаборавено дека наближува вака голем и значаен празник и дека неговото одбележување треба да биде на нивото соодветно на неговото значење. Досега, само Министерството за култура соопшти дека со нивната Годишна програма е предвидено финансирање на одредени проекти посветени и на 120 годишнината од Илинденското востание. Освен ова, градот Крушево е прогласен и за  „Град на култура 2023 година“.

Но, не сите подзаборавија на значајниот јубилеј. Дел од истакнатите македонски историчари, по овој повод, денеска промовираа значајно дело насловено како: „Македонската борба за самостојна и независна држава Македонија – 120 години Илинден“. Промоцијата на зборникот на трудови на повеќе познати македонски историчари и дејци се одржа денеска во просториите на Социјалистичката партија во присуство на авторите и на други гости.

На промоцијата, историчарите освен што се осврнаа на историските факти од пред 120 години, зборуваа и за денешните борби кои Македонија ги води за да ја покаже посебноста и долгата историја на негирање од страна на соседите, а на што мора континуирано да се одговори.

Познатиот историчар Михајло Миновски, кој е застапен во книгата со трудот „Македонска борба, ослободување и создавање на самостојна држава Македонија, 1875 – 1908“, рече дека не смеат да се заборават значајните настани од нашата историја.

-Кога славиме 120 години од Илинденското востание да не се заборави дека во 1875 година во Солун е организиран Тајниот револуционерен комитет за организирање на востание низ Македонија. Година дена подоцна, во 1876 гдина е изведено и македонското Кресненско востание, потсети Миновски дека македонскиот народ е еден од привите кој организирано давал отпор на поробувачите.

Инаку, историчарката Виолета Ачковска во зборникот е застапена со трудот „Прашањето за државотворноста на македонскиот народ во Новата и Најновата историја“, историчарот Никола Жежов со „Костур и костурско во Илинденското востание“, Наташа Котлар со „Револуционерната дејност на Јане Сандански за самостојност на македонското ослободително дело во илинденскиот период“, Митко Панов со „Историскиот наратив за средновековна Македонија како континуиран израз на македонската самобитност (1903/1944/1991/2023)“, Тодор Чепреганов со „АСНОМ и Велика Британија“, Билјана Ванковска со „Наративот на Илинденското востание од 1991 година до денес“, Новица Велјановски со „АВНОЈ и македонската државност – носталгија или значаен историски настан?“, Бранислав Светозаревиќ со „ Дали го заборавивме комитата“, Родна Живковска со „ Обичајните правила за користење и продавање недвижности на македонскиот народ“ и други автори…

Сите присутни се сложија дека македонската наука треба да дава поголем придонес во одбраната на македонството, особено сега го има и македонски преставници во науката кои подлегнуваат на политички притисоци или имаат други намери и погледи за иднината на Македонија.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Жители на Реканскиот крај протестираа против уништувањето на природата во НП „Маврово“

Следна објава

Судскиот совет ги прифати оставките на Герасимовски и Радевска-Стефкова, нови не се најавија