Едногласно и без дискусија Судскиот совет денеска ги прифати оставките на двајца членови – судиите Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимоски. Незаконска и нетранспарентна постапка при избор на судии, незаконското разрешување од функцијата претседател на советот на Весна Дамева, нарушените меѓучовечки односи се дел од причините коишто овие двајца членови ги наведоа како причините за заминувањето.
Мирјана Радевска – Стефкова рече дека нејзината кандидатура за член на Судски совет беше со цел да придонесе за остварување на независноста и самостојноста на судиите.
-Сметам дека Судскиот совет требаше да покаже дека е брана од надворешните влијанија, а унапредувањето на судиите требаше да биде врз основа на квалитет, професионалност и интегритет. Но, во последниот период се разидов во ставовите со другите членови на Советот по неколку прашања.
-Разидувањето прво беше во моето несогласување на Врховниот суд да не му бидат дадени списите по жалби на судии. Не се согласив со изборот на судии во Апелацискиот суд Гостивар затоа што тоа беше без почитување на ранг листата и во нетранспарентна постапка. Не се согласив и со тоа што не беа избрани судии во Врховниот суд од областа на кривичната материја, како и со незаконското разрешување на поранешната претседателка Весна Дамева. И конечно, причина за мојата оставка се нарушените меѓучовечки односи кои се пречка за нормално функционирање на советот, рече Радевска-Стефкова.
Герасимовски беше пократок и рече дека наишол и на идеолошки несогласувања со колегите и затоа смета дека за некои е подобро да си поднесат оставки.
-Иако јас и судијката Радева-Стефкова се враќаме во судовите од каде што дојдовме, сметам дека овој состав на Судскиот совет има капацитет да се справи со предизвиците, рече Герасимоски.
По прифаќањето на оставките, судијката Мирјана Радевска-Стефкова се враќа во Врховниот суд, а судијата Зоран Герасимоски во Апелацискиот суд Скопје.
Од друга страна, наспроти барања во јавноста за колективна оставка, никој од останатите членови на Советот денеска не најави свое заминување.
Наместо тоа, судијата Ханиф Зендели со девет гласа „за“ и еден против денеска е избран за заменик-претседател на Судскиот совет.
– Благодарам за довербата. Можеме заедно да постигнеме резутати. Ќе се потрудам и максимално ќе го дадам својот придонес да ги подобриме сите состојби како што и доликува на една иснтитуција каква што е Судскиот совет, рече Зендели по изборот.
Него го предложи судијата Ивица Николовски кој истакна дека има силна надеж дека во Советот има енергија, знаење и капацитети за извршување на сите задачи на транспарентен и одговорен начин. Протов него гласаше само експретседателката Весна Дамевска, која реше дека засега „мудро ќе молчи“ и нема да го коментира изборот на Зендели за заменик-претседател.
Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиевски му честиташе на Зендели и го изрази своето задовоство што Судскиот совет повторно е во рацете на судиите.
Инаку, денеска вработените на Судски совет почнаа штрајк при што бараат обезбедување на средства за исплата на додатоците на плата од 30 отсто и потпишување анекс договор за измена на колективниот договор. Од синдикалната организација се пожалија за ниските плати на вработените на разни позиции. Штрајкот на вработените во Судски совет ќе се одржува секој ден за време на паузата се до исполнување на нивните барања.


