ВМРО-ДПМНЕ: Наумче Мојсовски да си поднесе оставка од АМС

Корупцијата и злоупотребите се заштитен знак на оваа власт на СДС и ДУИ. Нема ресор, нема функционер кој не е замешан во некој коруптивен скандал. Последен во низата е Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Добивај вести на вибер

Од партијата наведуваат дека антикорупциска утврдила дека Мојсовски и Комисија избрана од Владата, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури извршиле распределби на средства од ваучер системот за финансирање на спортски клубови, со што го оштетиле буџетот на државата. За ова Наумче Мојсовски добил и кривична пријава, што го прави недостоен да ја врши функцијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ во овој систем за кој одлучувал Мојсовски и владина екипа се вртат една милијарда денари и постои основан сомнеж дека ваквите пари не завршувале кај спортисти и клубови според реални критериуми. Постојат индиции дека под сомнителни околности биле доделувани на фаворизирани федерации и клубови, при што силно влијание на изборот имале поединци, па дури и политички партии.

Од партијата велат дека ова е огромен скандал. Овој скандал мора да се разреши во целост. Но најпрво Мојсовски и неговите пријатели од Комисијата кои учествувале во сомнителната распределба на средства од ваучер системот треба да си поднесат оставки за да не влијаат на истрагата.

Дополнително, самиот факт дека постојат сомнежи за влијание на други лица, па дури и политички партии врз изборот, истрагата треба да се прошири и врз лица од владата која ги именувале и Мојсовски и Комисијата и на тој начин можеби вршеле притисок на одлуките.

Што фати СДС исуши и искорумпира. Нема област од која не направија матен бизнис. Оваа власт на СДС и ДУИ треба час поскоро да замине од власт, се вели во соопштението.

Претходна вестПроменливо облачно време со засилен ветер
Следна вестДлабок поклон пред делото на Гоце Делчев и голем срам како денес тоа се одбележува