Со розови очила за загадувањето: Дали е ова истиот град во кој живееме со Шилегов?!

– Цела деценија, над 10 години Скопје беше меѓу најзагадените градови. Денес загаденоста на воздухот е драматично опадната, гледате и самите дека загадувањето речиси и да не беше тема оваа есен и оваа зима, рече вчера премиерот Зоран Заев, на граѓанската трибина „Најдоброто за нашата општина“, која се одржа во Скопје.

Реакциите на јавноста не стивнаа после оваа порака. На социјалните мрежи скопјани прашуваат дали е ова истиот град во кој сите живееме, судејќи според „розовата“ перцепција на премиерот. Еве само неколку факти дека изјавата на Заев не соодветсвува со реалноста:

– Апликацијата за мерење на присуството на ПМ10 отровни честички во воздухот е лесно проверлива фактографија. Доволно е да се истражи на интернет дека мнозинство беа деновите на висока и опасна загаденост, и есента и зимата.
– „О2 иницијатива“ и „Еко – свест“ имаат фантастични извештаи во кои се гледа јасната состојба на загаденоста и оваа година. Ништо не е подобрено.
– Светската ранг листа на најзагадени градови (AirVisual) е доволен доказ дека и оваа есен и зима сме меѓу лидерите во загаденост. Ништо подобри од претходните години. Напротив.
– Оваа година не се зборуваше за загаденоста во таа мера како лани, оти граѓаните не знаеја како попрво да се снајдат за да си обезбедат заштитни маски во обид да не се заразат од ковид и да не се изнадишат ПМ10. Па, немаа време да очајуваат за загадениот воздух. Владата неколку пати вети дека ќе им обезбеди заштитни маски, ама никогаш не го исполни тоа, па секој се спасуваше од сопствениот џеб.

Ова не е се. Бројни се фактите спротивни на изјавата на Заев дека Скопје веќе не е најзагаден град. За да ја поткрепи оваа теза и да ги увери граѓаните, можеби би било подобро да се соочи на јавна трибина со скопјани и да ги наброи сите проекти на Владата и актуелната власт со кои изминатите 4 години е придонесено за намалена загаденост?

Инаку, последна во низата „розеви“ перцепции на власта е онаа за соголувањето на дрворедот на „Орце Николов“ во Дебар маало. Според власта, дрвата биле болни и стари па морале да се исечат, што, случајно или не, се совпадна со прошириувањето на улицата. Откако се виде дека исечените столбови не изгледаат болно, испадна дека длабоко во земјата всушност немале корен. Скопјани вријат, ама на социјалните мрежи. За време на минатата власт зеленилото се чуваше со жив ѕид од страна на т.н. паркобрани. Сега, се пишуваат само статуси на Фејсбук, од кои нема големо фајде. На ред е голема сеча во „Треска“.

Претходна вестВ понеделник, прскање против комарци во Скопје – пчеларите да преземат мерки
Следна вестПремиера на „Супербајкастично“ вечерва во Театар за деца и младинци