Жителите на Ѓорче Петров ќе протестираат, не сакаат да им насадат 17 нови згради

Иницијативата против урбанистичкото дивеење во Ѓорче Петров денеска организира протест, точно на пладне, кај кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“ затоа што е изгласан спорниот ДУП Ц3 15. Со него е предвидено да никнат 17 нови згради со висина до 33 метри, а според планот ќе живеат 1.359 нови жители.

Но она за што најмногу се плашат ѓорчепетровци е тоа што со овој план се отвора можноста и за градење на спорната зграда – облакодер во паркот „Ѓорче Петров“.

За градоначалникот Александар Наумоски најавата за протестот била гола политика, оти конкретниот ДУП донесен уште во 2014 година, а пред шест месеци добил позитивно мислење и од Град Скопје и од Министерството за транспорт и врски.

– Запазени се сите параметри според Законот за просторно планирање и Законот за градење, согласно новиот правилник што е на сила за хумано живеење. Мора јадрото на Ѓорче да има некаков развој, така што дадовме ние одредена висина на некои места, некаде се намали, меѓутоа се заштити паркот, вели Наумоски.

Сепак граѓаните се плашат дека ја губат онаа своја општина на која се навикнати според пост-земјотресно Скопје.
-Ова што сега се случува е страшно, и не личи на вистинското Скопје. Ова е само еден од 25те детални урбанистички планови во Општината што се замислени да поминат пред Советот за осум месеци, предупредуваат тие.

Протестот е како што велат и превенција за да не им се случи она што се случува во Аеродром, Кисела Вода… каде никнаа згради една до друга без да има животен простор околу.

Претходна вестГрција нема абер да го отвори Евзони, воведува нови рестрикции
Следна вестРаспишан е конкурс за книжевни дела за тинејџерска возраст