Зошто ЕУ не погледне посериозно кон бугарскиот клуб во Битола?

Ова е отворен и класичен пример на провокација со фашистички пораки кон македонскиот народ. ЕУ треба со резолуција да го осуди ваквиот срамен чин, вели Слободан Илијевски

 Провокација, понижување, срам, непријателски чин… сето ова се искажуваше деновиве во македонската јавност како реакција на отворањето на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов во Битола. Место кое треба да ја слави и шири културата го доби името на соработник на фашисти па и нивни лидери какви што биле Адолф Хитлер и Анте Павелиќ, а воедно е и личност која стои зад убиства на многу Македонци… Скандалозноста во сето ова е што културниот клуб го „освети“ раководството Бугарија, земја-членка на ЕУ каде нели се споделуваат европски вредности. И сето тоа во име на негирањето на македонската самобитност. Е ова ли е во духот на европските демократски вредности кои толку многу се фалени?

На тоа прашање од седиштето на ЕУ во Брисел нема конкретен одговор. И на секој одговор кој е „округло па на ќоше“ крајот е во повторување на истите познати реченици „барајте заедничко прифатливо решение“ во спорењата меѓу Македонија и Бугарија. Дали ова значи дека за ЕУ веќе нема да биде спорно именувањето на одредени институции и здруженија со имињата на злосторници останува да се види. Односно, дека ЕУ ја оставила Бугарија да прави што сака? А токму холандскиот премиер Марк Руте пред неколку месеци ја убедуваше македонската јавност во спротивното.

 – Ова што се случи е пред се голема навреда. Во МНР да се повика бугарскиот амбасадор за да му се врачи нота за изјавите на бугарските официјални лицаИскрено, мислам дека ЕУ нема да реагира никако, зошто во надворешна политика се ,,сопнати“ поради принципот на консензус. Најважно е како ние ќе реагираме, смета граѓанинот Звонко Илиевски.

-Ова е отворен и класичен пример на провокација со фашистички пораки кон македонскиот народ. Властите под итно треба да покренат постапка за одземање на дозволата за работа на клубот, но веројатноста за тоа е минимална. А ЕУ треба со резолуција да го осуди ваквиот срамен чин, вели Слободан Илијевски.

Скандалот и нападот врз македонската самобитност се големи. Пораката испратена од отворањето на клубот во Битола е загрижувачка. На потег се и македонските власти и комесарите во ЕУ. Ќе замижат и се ќе стават под тепих или ќе реагираат соодветно?

Зошто Брисел посериозно не погледне кон проблемот? Тој е во нејзиниот двор. Молкот само го засилува атакот врз Македонија, како што можевме да видиме и завчера и вчера со нови настапи и негирања од Софија на се што е македонско. Па нели таквите работи не се европски вредности?

ЕУ не е заинтересирана за Македонија

-Ние немаме држава која се грижи за народот туку држава која ја интересира само буџетот. Државниот апарат мора да свати дека треба без исклучок да се грижи за македонските интереси, а никако за партиски. ЕУ воопшто не ја  интересира Македонија, пошто не е никаков фактор и за Европа е експериментална провинција во која ја донесоа незаситните наши политичари, смета граѓанинот Васил Јовчевски.

Претходна вест22 Април – Ден на планетата Земја, ќе ја чуваме или апели само ќе праќаме?
Следна вестKазни за 120 возачи во Скопје, 37 за брзо возење