118 години од загинувањето на Гоце Делчев, животот го даде за Македонија

Со низа комеморации во Скопје и во Maкедонија денеска ќе се одбележуваат 118 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. По тој повод, делегации на државни институции, здруженија и граѓани во чест и сеќавање на Делчев ќе положат цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Големиот македонски револуционер и национален херој е роден на 4 февруари 1872 година, во селото Кукуш како син на Никола и Султана Делчеви. Основното образование го завршува во Кукуш по што заминува да учи во Солун каде науката и литературата ги усовршува во воената школа. Има активна улога во многу политички клубови во Солун и Софија. Сепак „Лозарите“ имаат најголем удел во формирањето на неговиот револуционерен профил. Годините помеѓу 1894 и 1903 се најплодни во неговиот краток револуционерен живот. Тогаш како учител во штипско Ново Село и Банско значително придонесува во подготовките за вооруженото востание.

Од историско значење е и средбата со Даме Груев во Штип во ноември 1894 година кога го договараат организирањето на мрежа низ цела Македонија за активирање на населението. Како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

Тој и неговите следбеници предупредуваа на предвременото кревање на Илинденското востание, затоа што тврдеше дека се уште не е дојдено вистинското време и не се направени потребните подготовки за кревање на востанието.

На пат за Конгресот во Сер, во 1903 година Делчев преноќил во селото Баница. Предаден и опколен, тој бил убиен на 4-ти мај. Неговата смрт значеше откажување за многу визии на овој револуционерен херој. По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Претходна вестСончево со малку облаци и слаб ветер
Следна вестПродолжува бојкотот на наставата на основците против дигитализацијата