Денеска во 10 часот по московско време во Украина започна да владее „режим на молк“ со кој треба да се овозможи излез на цивили преку хуманитарни коридори од повеќе украински градови додека во земјата трае воениот конфликт. Меѓуресорскиот координативен штаб на Русија за хуманитарен одговор во Украина соопшти дека ќе се овозможи излез на цивили од градовите: Киев, Харков, Чернигов, Суми и Мариупол. До ова дојде по одржаната трета рунда на преговори меѓу руски и украински претставници во Белорусија. На неа имаше мал напредок во преговорите.
Во меѓувреме, Украина побара директни преговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот лидер Владимир Путин. За 10 март е најавена средба на шефовите на руската и украинската дипломатија во Турција.
Шефот за хуманитарни прашања при Обединетите Нации (ОН), Мартин Грифитс, ги повика Украина и Русија да обезбедат безбедни коридори за цивили кои бегаат од борбите и за хуманитарна помош во местата каде има активни војувања. Досега оваа земја ја напуштиле 1,7 милион граѓани.
-Цивилите во местата како Мариупол, Харков, Мелитопол и на други локации очајно бараат помош, особено во медицински средства од кои им зависат животите. Најпосле, итно ни е потребен систем на постојана комуникација со двете страни во конфликтот и осигурување дека ќе биде овозможено доставување хуманитарна помош, рече Грифитс во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН.
Неговата изјава доаѓа откако двете страни се обвинија меѓусебно дека спречуваат бегалците безбедно да ги напуштат воените региони. Напорите да се евакуираат околу 200.000 луѓе од јужниот град Мариупол не беа успешни во саботата и неделата.
Инаку, во оваа земја и натаму продолжуваат воените судири. Од Канцеларијата за човекови права на ОН соопштија дека по почетокот на инвазијата на 24 февруари потврдиле 1.207 жртви во Украина. Најголем број се последици на гранатирање и бомбардирање. Од Канцеларијата посочуваат дека вистинските бројки најверојатно се многу повисоки.
Украинскиот Генералштаб вчера соопшти дека руското напредување се одвива доста бавно и дека украинските трупи продолжуваат да се бранат во јужниот, источниот и северниот сектор. Главниот град Киев како и северниот град Чернихив сè уште се во рацете на Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нема да испраќа регрути и резервисти да се борат во Украина и оти офанзивата ја водат професионалци кои извршуваат „зададени задачи“.
Претседателот на Украина им ветува на своите сограѓани дека „сè што уништија Русите во Украина ќе биде обновено и подобро од кој било град во Русија“. Воедно им потврдува дека останува во Киев и нема да се крие.



