Длабок поклон пред делото на Гоце Делчев и голем срам како денес тоа се одбележува

Македонија денеска го одбележува денот на раѓањето на еден од најголемите македонски дејци, Гоце Делчев. Македонија денеска длабоко се поклонува на визионерот, револуционерот, учителот, човекот кој го даде животот за македонскиот народ да биде слободен и Македонија да биде самостојна и независна држава.

Патот кој тој го трасираше го изодеа и следните македонски – партизански – генерации и Македонија стана независна држава. Ама што направија денешните генерации  (особено функционерите), како денеска ќе се одбележи денот на УЧИТЕЛОТ?

Уште од вчера засилено полициско обезбедување има околу црквата „Св. Спас“ и по целата должина на улиците кои водат до храмот каде е гробот на Гоце Делчев. Полицијата ги контролира пристапите до црквата, а пристап имаат само акредитираните новинари кои поминуваат низ неколку безбедносни проверки. Пристапот е ограничен, бидејќи настанот го прогласија дека е од висок ризик. Хеликоптер го надлетува реонот…

Зошто се дозволи до ова да дојде? Колку ова е последица на делувањето на македонските функционери кои низ годините се обидуваат да угодат на сите странски барања и притисоци? Вака ли и во иднина ќе се одбележуваат деновите и делата на голем дел од македонските револуционери?

Ги читаат ли сегашните властодржци големите лекции кои ни ги остави Гоце Делчев? Еве неколку од нив:

Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.   

Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…

Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.

Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?     

Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и Организацијата, тоа е првиот услов за нашиот успех. Ако тоа не го направиме, Македонија ќе падне под некоја од балканските држави, или ќе биде разделена помеѓу нив…

Така зборуваше големиот МАКЕДОНЕЦ кој е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.

Ќе научиме ли ние сегашните генерации нешто од тие зборови? Не е доволно само цвеќе на неговиот гроб да се стави. Тоа сигурно и Гоце би ни го кажал.

 

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Наумче Мојсовски да си поднесе оставка од АМС
Следна вестПадна системот на Деве Баир, дел од Бугарите не можат да влезат во земјава