Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на Владата и доскорешен Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти во рамките на премиерскиот кабинет му е одреден куќен притвор, објави попладнево судот.
Тој заедно со уште еден осомничен за набавката на софтверот кога беше генерален секретар, беше спроведен, при што јавниот обвинител бараше мерка притвор под сомнение дека стoриле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 ст.5 в.в со ст.1 од КЗ.
Мерката притвор се бараше поради постоење опасност од бегство со оглед да осомничените се имотни и можат да влијаат врз сведоци за попречување на истрагата.
Попладнево, судија на претходна постапка донесе решенија со кои на осомничените им определи мерка куќен притвор како и мерка забрана за комуникација со другите осомничени и забрана за користење на средства за комуникација.
Рашковски беше приведен откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донело наредба за истрага во случајот кој дигна многу прашина во јавноста – со набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци што не го користи ниту една институција. Приведен беше и сопственикот и управител на фирмата што ја доби спорната набавка.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Рашковски зачера поднесе оставка од функцијата која ја извршуваше во Владата.