Веќе петнаесетина дена во продавниците ширум Maкедонија треба да се замрзнати цените на повеќе основни животни намирници. Така нареди Владата. Но, се проверува ли дали тоа се спроведува?
На 4 декември се замрзнаа цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомесните производи и сирењето и урдата, а потоа на 14 декември и на оризот, јајцата и тестенините. Владата се реши на ваков чекор со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните иако мерката уследи со мало задоцнување, односно по големиот бран на поскапувањата на овие, kako и на повеќе други производи. Но, како да произлезе дека само се запечати претходно направеното поскапување кое ќе трае до 31 јануари.
Практично, цените на овие производи треба да бидат на она ниво на коешто се затекнале на 1 декември. А дали е така, дали се почитува ваква мерка, дали трговците си ги усогласија во меѓувреме покачените цени и ги вратија на она ниво од почетокот на месецов? Јавноста за ова нема детални информации за да се види дали пазарните инспектори утврдиле и санкционирале непридржувањето на одлуките. Во меѓувреме, граѓаните низ продавниците забележуваат шаренило од цените за кое не се знае на што се должи – дали на нормалната разлика во цените по различни продавници или на нови поскапувања кои ги прават производителите и трговците независно од одлуката…
Секако, освен инспекциските проверки, треба да проработи и деловниот и човечкиот морал кај производителите и трговците и да не го користат овој бран на поскапувања и да ги покачуваат цените на производите кои не мора да се покачат.