Ангелова, Ајдински, Дуев, Кочов, Спасевска и Ташковски во трка за ректор на УКИМ

Вкупно шест кандидати се пријавени за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Според пријавите, кандидати за нов ректор се Билјана Ангелова од Економскиот институт; Горан Ајдински од Филозофскиот факултет; негов колега кој доаѓа од истиот факултет, Ратко Дуев; Атанас Кочов од Машинскиот факултет; Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ), од каде што доаѓа и нејзиниот колега Димитар Ташковски.

Универзитетската изборна комисија на состанок ги разгледа и ги прифати сите шест пријави на кандидатите за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои стигнале пред завршувањето на крајниот рок.

Гласањето за нов ректор на најстариот универзитет во земјата „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е закажано за 30 мај, од 14 до 16 часот, на сите 23 факултети и 5 институти.

Постапката за пријавување кандидати за ректор на УКИМ почна на 3 април.

Од 15 до 26 мај во кампусите на УКИМ ќе има претставување на кандидатите за ректор. На 17 мај ќе се утврди единствениот избирачки список. Право на глас имаат околу 1.500 гласачи, избрани во звање доцент, редовен и вонреден професор. Евентуалното прегласување е закажано за 9 јуни.

Новиот ректор на скопскиот универзитет треба да го наследи актуелниот Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој функцијата ректор ја извршуваше во два мандата.

Претходна вестПриведени лица од Арачиново и Брест, нелегално сечеле дрва
Следна вестСкопјанка пријавила дека непознат маж и влегол дома и се самозадоволувал