Во политиката постојат партии што се натпреваруваат со идеи и визија и партии што опстануваат преку клевети и лаги, а СДСМ одамна го избра вториот пат, објави на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски. Тој информира дека Апелациониот суд со правосилна пресуда утврдил дека СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети против него, без докази и без основа.
Според Мицкоски, со оваа одлука, по потврдената првостепена пресуда, СДСМ и формално е судски утврдена како партија што клеветела. Тој посочува дека она што со години било претставувано како „политичка борба“, денес официјално е констатирано како недозволено и спротивно на принципите на правната држава.
„Пресудата јасно го разоткрива нивниот политички модел – наместо аргументи, напади; наместо програми, дискредитации; наместо одговорност, лаги пласирани во јавноста со цел нанесување штета. Политичката критика е легитимна и потребна, но клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор. Македонија мора да оди напред со политика заснована на вистина, идеи и одговорност, а не на фабрикации и лични напади“, порача Мицкоски.




