Не е празна буџетската каса на Град Скопје и таквите тврдења се политичка хајка на коалицијата СДСМ-ДПМНЕ, изјави градоначалничката Данела Арсовска. Според неа, секој ден на сметката на Град Скопје, рече, пристигнуваат средства од давачките што ги плаќаат граѓаните и компаниите и врз основа на сѐ што е активен приход.
-Во подобра кондиција градот никогаш не бил. Имаме финансиска консолидација, нема долгувања, Град Скопје редовно исплаќа се она што пристигнува како побарувања, што значи не се генерираат нови долгови како оние што ги имаме – милиони и милиони евра заостанати долгувања што ги правеле претходниците па влегувале во судски постапки за сега градот да се обременува со милиони евра на долгови и милиони евра на камати по основ на побарувања од овие судски спорови. Нашиот кредитен рејтинг е потврден со позитивен изглед. Можноста за кредитно задолжување од 1,2 милиони евра сега ни е зголемен меѓу 25 и 30 милиони евра и тоа е континуирано во изминатите 12 месеци, рече Арсовска во интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
Таа не одговори дали се точни тврдењата дека побарувањата кон градот во моментов се 10 милиони евра и посочи дека не може да се предвиди во текот на оваа или идната година кои судски предмети од времето на нејзините претходници ќе достасаат и во чија корист ќе пресуди судот. Има судски постапки, рече, и од 2012 кои не се завршени.
-Поважно е што во овие 18 месеци ние не генерираме спорови, туку решаваме туѓи, рече градоначалничката.



