Белиот леб не е поскапен во сите маркети, кај некои цената е 25 и 27 денари и не треба да се крева паника во јавноста бидејќи ценовни шокови нема да има, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши. По денешниот престанок на владината одлука за замрзнување на цените на одредени производи и на воведување на ограничени трговски маржи, Бектеши рече дека „очекува благо намалување на цените на основните производи“. Тој е категоричен дека на пазарот нема да има недостиг на храна и дека некои трговци манипулирале со повлекување на одредени производи од рафтовите.
-Има информации дека одредени производители ги зголемиле цените на лебот, но белиот главно се движи од 25 до 27 денари. Тоа граѓаните може да го забележат и да одлучат каде ќе купуваат. Секако ние нема да дозволиме тоа да трае. Денеска е само првиот ден, во наредните денови сите производи ќе се вратат на цените согласно Одлуката за маржи. Нема да дозволиме да има шпекулации и манипулации, потенцира министерот Бектеши.
Тој е убеден дека како со овошјето и зеленчукот чија цена е намалена, така ќе се случи и со другите производи.
Бектеши додаде дека причината за празнењето на некои маркети викендов, било повлекувањето на производите од страна на самите трговци.
-Немало паника од страна на граѓаните. Утврдено е дека некои од трговците сами ги повлекле залихите за денеска повторно да ги вратат назад со нови цени. Тоа е целосно утврдено од надлежните институции и нема да дозволиме да се случи. Не е време за манипулации и шпекулации. Тие трговци што мислат дека на таков начин можат да манипулираат со институциите и потрошувачите ќе бидат санкционирани и дополнително контролирани, рече министерот.
Во делот на месото, укажа министерот, забележано е дека има мало поскапување зашто се прикажува дека е преработено дома, а не како свежо месо од увоз.
Од друга страна, претставници на мелничарската индустрија денеска изјавуваат дека имаат рапиден скок на трошоците.
– Според денешните покачувања на цените, се гледа дека покачувањата се соодветни и различни, со што се потврдува функционалноста на Одлуката за заштита на населението. Би апелирал до граѓаните, да не создаваат паника околу зголемувањето на цената на лебот, зашто зголемениот трошок за набавка на леб за едно семејство на месечно ниво е најмал во споредба со зголемувањето на цените како трошокот на енергенсите, електричната енергија, цигарите и сите други производи кои се зголемија вртоглаво во последниот месец. Целта на Одлуката е да се зачува и домашното производство, како не би се соочиле со затварање на домашните производни капацитети, од кои некои веќе и најавија затворање, со што ќе се соочевме како држава со недостиг од 160.000 парчиња леб на пазарот, изјави претседателот на Групацијата за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора, Горан Малишиќ.



