Зеленски ги условува преговорите со запирање на бомбардирањата, Бајден со порака до Путин

Потребно Русија да го запре бомбардирањето на украинските градови и цивили за да започнат преговорите за целосен прекин на огнот, побара украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во интервју за „Ројтерс“ и за Си-ен-ен“ рече дека целта е да се запре војната.

-Ако не се подготвени да ја сопрат војната, тогаш средбата е губење време, рече Зеленски.

Украинскиот претседател ова го кажа наспроти за денеска најавеното продолжување на преговорите меѓу руските и украинските претставници по неуспешната прва рунда на преговори.

Зеленски ги повика членките на НАТО да воведат зона на забранети летови за да ги запрат руските воздухопловни сили, нагласувајќи дека тоа ќе биде мерка на претпазливост што не треба да ја вовлече Алијансата во војна со Русија. Зеленски рече и тоа дека неговата земја ќе бара законски обврзувачки безбедносни гаранции доколку НАТО ги затвори вратите на Украина за членство во Алијансата.

Руската агенција ТАСС објави дека нова рунда преговори меѓу делегациите на Украина и Русија се очекува денеска на територијата на Белорусија. Сепак, сè уште ништо не е сигурно за овој настан, како што беше случајот со преговорите на 28 февруари во регионот Гомел во Белорусија.

Од кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа соопштија дека тешко дека на преговорите планирани за денеска ќе се сретнат украинската и руската делегација.

– Веројатно нема да се сретнат во среда. Можно е да се одложи за неколку дена, во контакт сме со преговарачките тимови, изјави за Си-Ен-Ен портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин.

Од друга страна, американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека Владимир Путин лошо проценил како западот ќе реагира во случај на руска инвазија на Украина. Во својот прв говор за состојбата на нацијата во американскиот Конгрес, тој вети дека ќе го казни рускиот претседател за нападот на Украина.

-Путин не е свесен што го чека. Тој се соочи со ѕид од сила што не можеше да го замисли, рече Бајден.

Инаку, руските воени сили ноќеска навлегле во централното подрачје на украинскиот град Керсон кој, доколку, биде освоен е најголем украински град кој ќе биде ставен под руска контрола. Снимките објавени на социјални мрежи покажуваат руски воени возила паркирани на Плоштадот на слободата во центарот на Керсон. Снимките покажуваат дека руските сили од Крим напредувале и воспоставиле премин преку реката Днепар. Руската армија соопшти дека нивните единици го зазеле градот.

Истовремено, украинската армија потврди дека руските падобранци слетале во Харков во обид да го освојат опколениот град. Во соопштението се додава дека руските војници ја нападнале регионалната воена болница и дека борбите се во тек. Началникот на полицијата во Харков, Володимир Тимошко, изјави за новинарите дека ниту еден украински војник не загинал во престрелката, јавува Би-Би-Си.

Во текот на ноќта жестоки борби се водеа и во повеќе други градови. 

Претходна вестТешко повредениот пешак од Кавадарци почина на скопските клиники
Следна вестУтре промоција на делото „ За Македонските Работи“ од академик Љупчо Коцарев