Државните и партиските раководители не ја испуштија приликата денеска предновогодишно да се обратат до македонските граѓани и им посакаа многу здравје, среќа, нови надежи, нови успеси…
Претседателот Стево Пендаровски истакна дека во сета болка и страв кој го донесе корона вирусот имало и причина за надеж.
-Кризата не менува сите, постепено, секој ден, и од нас самите зависи дали од неа ќе излеземе разединети и рамнодушни или сплотени и солидарни. Треба да знаеме дека секое добро дело продолжува да живее во луѓето на кои сме им помогнале и за кои сме се грижеле. Пандемијата ќе помине. Ќе дојдат подобри денови, порача Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев, пак, потенцира дека во следаната година погледот ќе биде свртен кон ЕУ.
-Нашето членство во нашата матична Унија нема друга алтернатива. Ништо нема да нѐ запре да чекориме напред, затоа што како Македонци имаме што да кажеме на нашиот македонски јазик, рамноправни со останатите европски народи. На тој пат продолжуваме да градиме пријателство и меѓусебна доверба со сите наши соседи, порача Заев.
Претседателот на парламентот Талат Џафери нагласи дека Новата година носи нови надежи.
-Во Новата година влегуваме со надеж да се надминат состојбите со болеста и да ги добиеме вакцините. Новата година е година на очекување во однос и на втората стратегиска цел за членство во ЕУ, наведе Џафери.
Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, на граѓаните им порача дека „лошата власт го направила животот уште полош“.
–Ја уништија економијата и ја однесоа во рецесија, додека го распродава идентитетот и наместо европска иднина донесоа вето. Демократијата беше погазена со криминални избори, правдата беше заробена, земјоделците беа обесправени. Го урнисаа здравството, повеќе од 50.000 луѓе останаа без работа, образованието е срушено, криминалот и корупцијата галопираат. Народот осиромашува, власта се богати. Време е да завртиме нов лист, порача Мицкоски.
И така, политичарите ни ги кажаа дека имало надеж. Сигурно мислат дека и тие ни ја носат надежтта.
А граѓаните пак со години повторуваат дека надеж ќе видат само тогаш кога властите ќе работа подобро и почесно, и ќе да водат сметка за сите граѓани, а не само за сопартијците и роднините.
За сега нема надеж дека политичарите слушнале што граѓаните очекуваат…