Добивање на директна закана од своетник од партијата Алтернатива во општина Бутел пријави денеска градоначалник на скопската општина Бутел Дарко Костовски
-Вчера добив директна закана, цитирам: ако продолжиш вака ќе ти се скрши вратот. Ова го истакна советникот во општина Бутел претставник на политичката партија Алтернатива, на вчерашната седница на советот, читаше од некој друг напишано писмо па ми се обрати на таков начин. Од како го прашав што тоа значи, почна да ретерира дека било метафора, соопшти Костовски.
До ова дојде откако Костовски со инциијатива до Град Скопје побара да се вратат старите имиња на улиците во општина Бутел. На тој начин имињата на улиците „Омер Калеши“ и „Адем Кастрати“ повторно би биле „Александар Бујнов“, улицата „Дране Бојаџиу“ би го вратило името „Александар Туруџов“, улицата „Иса Болетини“ – „Љуба Ивановиќ“, „Ернест Кољиќи“ – „Лазо Москов“ како и на многу други улици, вкупно 38, главно со имиња на албански личности, но и други, би ги вратиле старите имиња, повеќето со името „Бутелска“ и нивниот соодветен број.
Во образложението напишано во иницијативата, градоначалникот на Бутел наведува дека одлуката од 30 март 2021 година на Советот на Град Скопје „е донесена без поширока активност преку прибирање мислења од општините на град Скопје, урбаните заедници и граѓани”. Советниците Албанци во општина Бутел соопштија дека иницијативатата на градоначалникот Костовски е направена од анти-албански мотиви. Самир Исени во име на сите советници побара од Костовски да ја повлече иницијативата, потсетувајќи го дека толеранцијата е карактеристика на скопјани и жителите на Бутел.
-Како советници Албанци во општина Бутел, и како жители на Бутел и Албанци, бараме градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, да се откаже од оваа иницијатива и од овој предлог. Ова не само што нема да помине во град Скопје каде што имаме и механизми да го блокираме, туку нека знае дека наметнувањето нема да помине. Ако продолжи со главата в ѕид, може многу брзо да го скрши вратот, изјави завчера Самир Исени.
Градоначалникот Костовски тврди дека истиот советник кој вчера едвај го прочитал од друг напишаното писмо, веќе година ипол од него бара работи кои се исклучително поврзани со негови лични потреби и за неговото најблиско семејство.
-Од човек кој гледа лична корист сега наеднаш стана бранител на албанските интереси и тоа на исклучително лажен начин со манипулации. Советниче, како и вчера така и денес да ти порачам тебе, и на сите останати кои се закануваат од позади тастатура, сте ја утнале адресата, вашите закани се смешни и кукавички, односно далеку од чин кој му прилега на маж. Закани, провокации и останати нецивилизирани постапки кај мене ниту поминале до сега, ниту некогаш ќе поминат. Стравот не постои како опција во мојот ментален склоп. Убеден сум дека тоа ви е кристално јасно, рече Костовски.




