Надлежните институции целосно да го истражат случајот со 24-годишна жена од радовишкото село Тополница која си го одзела животот во полскиот тоалет во дворот на семејната куќа и притоа оставила проштална видео – порака во која објаснува низ што се поминала во својот краток животен век. Ова денеска го побара Националната мрежа против насилство вез жени и семејно насилство.
-Институциите да постапат со должно внимание и целосно да го истражат случајот земајќи ги во предвид сите околности и настани, посебно оние кои укажуваат на подолготрајното вршење на тортура и семејно насилство врз неа, а кои и биле причината за одземање на животот, се наведува во соопштението.
Во прошталаната видео-порака младата жена навела дека била постојано вознемирувана, од неколку мажи (чии имиња се наведени во самата проштална порака), а е наведено и името на мажот кој и дал непозната супстанца со која си го одзема животот. Дополнително според анонимните искази на блиски роднини и соселани на семејството, младата жена со години живеела под притисокот на силната љубомора, контрола, доминација и заклучување во куќата од страна на нејзиниот повозрасен сопруг, а единствено излегување од куќата и било само во придружба на сопругот и тоа да посети лекар или за породувањето.
-Иако има индиции и укажувања за насилство врз неа, сепак по добиените информации од Центарот за социјална работа дадена е изјава дека семејството не било корисник ниту на права од социјална заштита ниту пак е регистриран некоја пријава за семејно насилство. Истите податоци се добиени и од МВР.
-Во конкретниов случај, закопот на младата жена бил направен веднаш следниот ден, каде поради недостаток на докази (!!!) за насилна смрт не е направен преглед и обдукција на починатата, уште повеќе го крева алармот за итно постапување на сите институции, особено надлежното Основно јавно обвинителство и откривање на вистината која стои зад оваа трагедија. Дополнително, очекуваме да се преземат сите мерки за заштита на нејзините деца и обезбедување на соодветна помош и поддршка за надминување на траумата која ја доживуваат со губитокот на мајката, а секако и траумите кои ги преживеале растејќи како сведоци на насилството кое било вршено врз нивната мајка, се наведува во соопштението.




