Училиштето во Љубојно во кое се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа ќе се ревитализира

Владата на денешната редовна седница ја разгледа Информацијата за изработка на Проект за реконструкција и ревитализација на Старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно и за негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.

-Имајќи ги предвид вредностите на Старото училиште „Димитар Влахов” во селото Љубојно, надлежната установа НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Битола, како што соопштија од Министерството за култура, иницира постапка за негова реконструкција и ревитализација како Центар за промоција на македонскиот јазик. Задолжено е Министерството за култура да ги преземе сите натамошни дејствија во врска со адаптацијата на училиштето „Димитар Влахов” во Љубојно, во Центар за промоција на македонскиот јазик, се наведува во владиното соопштение.

Објектот во којшто на 15 ноември 1945 година во преспанското село Љубојно се одржал првиот час на македонски јазик во Преспа сега е во распаѓање, разурнат, обраснат со треви и непознат за пошироката јавност. Тоа е второто училиште во Македонија, по она во кичевското село Подвис, каде се држела настава на мајчин јазик. Дека тука пред 76 години се одржал првиот час по мајчин јазик сведочи само спомен плочата која е поставена на некогашниот влез на училиштето. Благодарение на спомен плочата што во 2004 година ја поставија просветни работници во чест на 60 годишнината од наставата по македонски јазик, денес минувачите дознаваат дека ова школо е со значајна историја за македонскиот јазик и образование. Зградата била изградена уште во 1907 година и се користела како училиште уште во тоа време. Десетина години подоцна овој предел го зафатил земјотрес при што училиштето било оштетено. Причина за дополнителното оштетување на училиштето е пожарот кој избил во 1983 година. Дотогаш во него сѐ уште биле старите клупи, столчиња, табли. Но, во пожарот изгорело сѐ, а уништена била и градбата.

Во селото во 1970-тите години е изградена нова училишна зграда и од оттогаш наставата се одржува таму.

Претходна вестРазрешен директорот на Управата за извршување на санкциите Марјан Спасовски
Следна вестНаскоро се укинува роамингот меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ