Дали со заминувањето на Заев од Владата ќе замине и Мила Царовска?

Премиерот во оставка Зоран Заев ги брои последните денови во Владата. Така барем е најавено.

Новиот мандатар (ако Заев си го одржи зборот и ја активира оставката) ќе има шанса да екипира кабинет на министри по свое видување – барем на оние кои доаѓаат од СДСМ. Дали ќе биде искористена таа можност Владата да се ослободи од оние министри чијашто работа им донесе негативни поени во јавноста, а и не направија ништо за подобро функционирање на ресорот кој го управуваат?

Анализите од неодамнешните локални избори на кои социјалдемократите доживеаја убедлив пораз покажаа дека „црвениот картон“ кој им го дале граѓаните, покрај она што го (не)правеа градоначалниците од СДСМ, се должеше и на грешките и промашувањата посебно на двајца министри – за здравство Венко Филипче и за образование Мила Царовска.

Филипче, кој беше изложен на силни барања за оставка по ужасниот пожар во тетовската модуларна болница, најавената владина реконструкција ја искористи да се збогува со функцијата. Но, што станува сега со министерката Царовска, дали и таа натаму ќе остане во истиот образовен ресор?

Таа дилема се уште нема одговор и ќе зависи, се чини, од изборот на новиот мандатар. Ресорот за образование до сега не беше споменуван како некој кој ќе прејде во раце  на некоја друга партија која е дел на владината коалиција, ниту пак, се спомнуваше дека СДСМ бара друго кадровско решение во свои редови. Дали тоа значи дека Царовска и натаму останува како министер, останува да се види. Таа вчера изјави дека е задоволна од спроведувањето на новата Концепција за основно образование.

Како министерка, јас сум задоволна од имплементацијата на Концепцијата за основно образование. Задоволството го гледам и кај наставниците, рече Царовска.

А токму концептот на реформата на основното образование кој таа упорно го туркаше предизвика големи реакции во јавноста. Револтот и отпорот на голем број граѓани – родители на учениците е поради тоа што Царовска најави укинување на посебните предмети Историја и Географија, консултирање само на тесен круг на истомисленици, игнорирање на мислењата на цела низа на образовните институции… па се до најавите за воведување на дигиталните и замена на печатените учебници за учениците. Сето ова предизвика самоорганизирање на граѓаните, протести, реакции на кои Царовска не обрнуваше внимание.

Таа не обрнуваше внимание ниту на фактот дека скоро сите релевантни институции во Македонија рекоа дека реформата треба да се стопира и повторно осмисли.

Сега останува да се види дали мандатарот ќе обрне внимание што мисли јавноста за работењето на Царовска.

Претходна вестЌе го сечат ли дрворедот во Аеродром кај ОУ „Љубен Лапе“?
Следна вестЗаев следната недела ќе поднесе оставка, но прво ќе оди во Тирана со Вучиќ и Рама