Делото „Мојот последен здив“ на легендарниот Луис Буњуел, ќе биде промовирано на 29-ти март во Кинотека на Македонија

Најновото печатено издание на автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел, насловено „Мојот последен здив“, ќе биде презентирано оваа среда во Кинотека на Македонија, со почеток од 12 часот. Делото е преведено на македонски јазик.

Ова е книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер негов постојан соработник, косценарист на сите филмови од последната „француска“ етапа во кариерата.

Автобиографијата, која е поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја одделени со наслови, првпат е објавена на француски јазик во Париз во 1982 година, неколку месеци пред смртта на Буњуел. Оваа книга иако е лична исповед на еден исклучителен човек, на еден голем уметник, истовремено претставува и многу интересно документаристичко и историско сведоштво за цела една епоха која се протега речиси преку целиот XX век. Во неа постојано се испреплетуваат исечоците од животот и сеќавањата на драматичните историски настани со сеќавањата поврзани со творештвото, филмовите… поточно во неа разбирливо, постојано се испреплетуваат животот и филмот, пишува д-р Атанас Чупоски во предговорот на изданието.

Ова е само едно во низата изданија што Кинотеката ги објави последниве месеци, меѓу кои се веќе промовираната филмолошко-наратолошката студија на Атанас Чупоски – „Иницијација и Покајание. Доминантни топоси во наративниот дискурс на современиот руски филм“ и филмолошката студија на реномираната бугарско-британска историчарка на филмот Дина Јорданова – „Кинематографијата на другата Европа. Дејноста и уметноста на источноевропскиот и средноевропскиот филм“, која наскоро ќе биде промовирана заедно со стручното списание за филм што Кинотеката редовно го објавува – „Кинопис“.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Врв на мизерија, Шаќири вели дека владата нема пари за учебници
Следна вестМега штрајк во Германија, не сообраќаат автобусите, железницата запрена, хаос на аеродромите