Дивите депонии никако да изчезнат, скопските комуналци лани од нив отстраниле 10.617 кубни метри отпад

Дивите депонии и натаму се голем проблем за македонската метропола Скопје. Повремените акции за нивното чистење, очигледно, не помагаат бидејќи по кревањето на насобраниот отпад несовесните граѓани на истите локации пак го фрлаат ѓубрето. Ова го потврдува и денеска објавениот извештат на скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“.

-Во текот на минатата година, претпријатието отстрани вкупно 10.617 кубни метри отпад од голем број диви депонии, лоцирани на целокупната територија на градот Скопје, соопштија утрово од ова претпријатие.

Инаку, во извештајот се наведува дека екипите на „Комунална хигиена“ – Скопје, во текот на 2023 година, подигнаа и транспортираа вкупно 159.196 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот.

– Во согласност со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од ова подрачје, собирањето и транспортот на комуналниот отпад од речиси 5.000 надземни, подземни и полуподземни контејнери се реализираше седумпати во неделата, во три смени, додека приближно 85.000 канти, наменети за одлагање на комуналниот отпад од индивидуалните домаќинства, се празнеа двапати во неделата, според однапред утврден распоред по блокови, наведуваат од претпријатието.

Во соопштението се додава дека екипите на претпријатието континуирано ја одржувале и хигиената на близу шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини, што се во надлежност на градот Скопје, преку секојдневно рачно и машинско метење и миење.

– Се спроведуваше машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини – улицата „Македонија“, централниот плоштад „Македонија“ и помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје, како и Старата скопска чаршија, информираат од претпријатието.

Од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје посочуваат дека реализирале екопредавања, акции и работилници во триесет основни и средни училишта во сите скопски општини, како и во петнаесет предучилишни установи, со цел подигнување на свеста кај младите за правилното постапување со отпадот и значењето на примарната селекција.

Претходна вестФрлена бомба во Косовска Митровица, има повредени
Следна вестУбедлива победа на Трамп во Ајова, еден од кандидатите се повлече