Еминентни странски историчари на „балкански начин“!?

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Голем лаф – така звучи изјавата на австрискиот европратеник за вклучување на двајца-тројца „еминентни странски историчари“, заради ќорсокакот околу историските прашања меѓу Македонија и Бугарија! Но, науката признава единствено научни или ненаучни постапки, методи и принципи на работа. И тоа е секаде во научната дејност, било тоа да е во балканската историографија, било тоа да е во европската или светската.

Еминентноста не значи и веродостојност, макар и да потекнува од земјите на ЕУ. Угледни луѓе (еминентни) по занает историчари има и во Македонија и во Бугарија (но ќорсокакот не е од овие луѓе). Нивната еминентност зависи од фактот дали тие се водат од научната кауза, а не од политички, економски, лични или други ненаучни фактори.

Понатаму, според австрискиот европратеник „еминентните срански историчари, не треба да се инволвирани во регионот“!? Напротив, во научна смисла, овие луѓе и треба да се инволвирани во регионот, односно да ја познаваат конкретната проблематика.

Оттука, во науката има македонисти (проучувачи на македонската историја, јазик, литература, култура) и бугаристи (проучувачи на бугарската историја, јазик, литература, култура), кои потекнуваат од регионот, Европа, Светот. Но, тие разговараат и работаат според утврдени правила на научната работа. Гласање, вето или компромис не се вредност во научните дискусии, туку несогласувањето е тоа што обично се покажува како попродуктивно од какво било согласување или компромис. Несогласувањето ги открива противречностите, спротивностите и тензиите во рамките на научната дискусија и бара нови истражувања и докажувања – се создава напредок (Р. Јакобсон).

Што значи и овде наидуваме на политичко замајување пред лицето на научната дејност. А, и да го земеме во предвид изворниот предлог на австрискиот европратеник, тогаш едни „еминентни странски историчари“ поаѓајќи од научната определба би требало веднаш да реагираат на флоскулата „заедничка историја“. Во договорите со Бугарија (1999, 2017) таа е дадена како апсолутна вистина (догма), без неопходното дефинирање. Незамисливо во истражувачката и научната работа! Тогаш, кој „еминентен странски историчар“ би ја девалвирал својата научна легитимација за една ваква асиметрична и пробугарска флоскула, со конкретно продолжение и во членовите што следат во споменатите договори? И ако, веќе се толку неприкосновени „еминентните странски историчари“, тогаш, што не го кренаа досега својот научен глас против споменатава содржина во договорите со Бугарија, а и со Грција!

Еден поголем дел на македонските историчари заедно со странските колеги (Девиде, Ошлис, Калоѓера, Курта, Петифер и др.) стручни за проблематиката, подолго време говориме и укажувавме на оваа политичко насилие над историската наука и атак врз колективната македонска меморија.

Оттука, токму, политичарите, особено домашните, ја немаат завршено својата задача! Нивната неспособност, но и лекомисленост ја вовлекоа историската наука и колективното историско паметење на македонскиот народ во непримерни води. Наместо да го практукуваат сугерираниот „балкански начин“ (токму од еден австриски претставник) тие треба да се образуваат – да стекнат знаење и искуство – за да не создаваат политички содржини со катастрофални последици кон македонските државни и национални интереси!

 

Претходна вестПарите или топката се најважни во новоформирана фудбалска Суперлига?
Следна вестКомисијата предлага полицискиот час да важи уште една недела