
Болнички легла има доволно и кадарот е спремен да работи со пациенти со Ковид, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по седницата на Советот за безбедност на која се расправаше за состојбата со корона вирусот.
Тој потенцира дека се обезбедуваат дополнителни капацитети по болниците.
-Болнички капацитети има сосем доволно согласно нашиот план за обезбедување на болнички капацитети, кревети и реорганизација на кадарот, целиот Клинички центар е практично во ситуација на мобилизација. Утрово имав состонакот со директорите на сите интерни клиники, на списокот на лекари и медицински сестри се сите вработени лекари и медицински сестри од клиниките и по потреба ќе работат во дополнителни капацитети. Во рамките на другите болници секаде се ослободени интерните одделенија и целосно е ставен кадарот во истата ситуација на мобилизација како во Клиничкиот центар. Дополнителни одделенија веќе се спремни и во болницата „8 септември“ Значи дека и болнички легла има доволно и кадарот е спремен да работи со пациенти со Ковид, рече тој.
Филипче ги повика граѓаните да бидат спокојни, никој нема да остане без здравствена заштита, без лекарска услуга.
-Апелирам да се почитуваат новите мерки. Мерките коишто се сега на сила се мерки коишто се имплементирани во цела Европа, кажа тој.