Фон дер Лајен пак ни кажа дека ЕУ многу го сака Западен Балкан во своите редови

Таканаречениот Западен Балкан се навикна дека треба да почека за да биде примен во ЕУ. Од друга страна и Брисел се навикна дека одвреме на време треба да повтори дека многу го сака балканскиот регион во Унијата.

Овој пат потврдата дека ЕУ има голема желба да го прими Западен Балкан и се падна да ја даде претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. „Во изминативе години ја сменивме брзината во нашиот пристап кон Западен Балкан, но сфативме дека не е доволно само да чекаме регионот да ни се приближи“, изјави таа денеска.

– Не е доволно само да се каже дека вратата е отворена. Ние, исто така, мора да преземеме одговорност и да го поддржиме нивниот пат кон нашата Унија на секој можен начин. Ова е причината зошто го создадовме нашиот План за раст за Западен Балкан. Затоа ги отворивме пристапните преговори со Албанија и Македонија и затоа се обврзавме да го сториме истото со Босна и Херцеговина, рече Фон дер Лајен.

Таа најави дека Европската комисија ќе донесе одлука да му препорача на Советот на ЕУ да ги започне преговорите со Босна и Херцеговина, која како што рече, откако го доби кандидатскиот статус, постигнала импресивни чекори постигнувајќи поголем напредок за нешто над една година, отколку за повеќе од една деценија.

Дали сите отстапки кои до сега ги направи Македонија по налог на Брисел се импресивни за ЕУ не беше објаснето, како што не беше кажано и какви нови инпресивни чекори мора Скопје да направи за да конечно ја допре кваката од портата на ЕУ.

Претходна вестЈакимовски: Синот и снаата наместо венчаница добија умреница
Следна вестИстражување: Ако има војна 51 процент од граѓаните не би се бореле за Македонија