Обвинение за разбојничка кражба е поднесено против 35-годишен скопјанец кој се обидел да украде три телевизори од угостителски објект на улицата „С. Георг – Шнајдерот“ во Скопје, соопшти Јавното обвинителство Скопје.
Во соопштението се наведува дека тој употребил физичка сила против таткото и ќерката кои се обиделе да го спречат во кражбата.
– Тој преку прозорецот влегол во угостителскиот објект и одзел три телевизори во вкупна вредност од 105.000 денари. Но, притоа бил затекнат од оштетениот и неговата ќерка, кои се обиделе да повикаат полиција. Во тој момент, обвинетиот ја удрил оштетената со тупаница во пределот на главата, ја турнал и се обидел да го удри нејзиниот татко, кој го одбил ударот со рака. Обвинетиот се обидел да избега од местото на настанот со својот мотор со приколка, но оштетениот и случаен минувач успеале да го задржат. За тоа време, оштетената настанот го пријавила во блиската полициска станица, информираат од ОЈО.
Обвинителството бара лицето и натаму да остане во притворот.